Хабитат Македонија ја доби наградата „Energy Globe“

447

Австриската фондација Energy Globe му оддаде меѓународно признание на десетгодишниот ангажман на Хабитат Македонија во секторот на енергетска ефикасност, со доделување награда за национални достигања. Наградениот проект „Енергетски ефикасни домови за семејства со ниски приходи“, иницијално е започнат од Хабитат Македонија во 2009 година.

На свеченоста на која присуствуваше вицепремиерот Кочо Анѓушев и австриска бизнис делегација која се наоѓа во посета на Македонија, наградата ја врачи трговското аташе на Амбасадата на Австрија, Марлен Бургсталер. Во своето обраќање таа потенцираше дека наградата ја предава во име на фондацијата „Energy Globe“ и на нивниот партнер – Австриската трговска комора.

Обраќајќи им се на присутните, вицепремиерот Анѓушев, упати честитки за наградата и истовремено потенцираше дека показателите за економскиот раст, а особено растот на индустриското производство во Македонија за последниот квартал се натпросечно високи, што влева голем оптимизам и отвора нови можности за инвестирање во енергетскиот и градежниот сектор.

Примајќи ја наградата, националниот директор на Хабитат Македонија Зоран Костов посочи дека главните достигања на наградениот проект вклучуваат енергетски ефикасни реконструкции на повеќе од 60 колективни станбени згради во Македонија, со повеќе од 1.900 станови, при што се постигнати вкупни годишни енергетски заштеди од 7.910 MWh и годишни редукции на емисиите на јаглероден диоксид од 3.670 тони. Ова за македонскиот станбен фонд претставува голем инвестициски потенцијал кој се проценува на повеќе од 500 милиони евра.

Главната цел на Фондацијата Energy Globe, во соработка со Програмата за животна средина на Обединетите Нации (UNEP), е да укаже дека во нашиот свет постојат многу креативни луѓе кои имаат спроведено проекти со решенија за многу проблеми, всушност проекти кои го помагаат опстанокот на нашата планета. За наградата оваа година се поднесени повеќе од 2.000 предлози од над 180 земји. Националните победници се избрани по пат селекција спроведена од експерти на Комитетот за евалуација на Energy Globe.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...