Маркови кули претендира за Постојаната листа на УНЕСКО

165

Марковите кули над Прилеп претендираат од Привремената да бидат ставени на Постојаната листа на светско наследство УНЕСКО, со што оваа природна реткост би била втора во Македонија на таа листа на организацијата на ОН, по охридскиот регион.

Комплексот заслужува зашто е светски раритет, констатираат 30-ина учесници на првата меѓународна научна конференција што денеска и утре се одржува во Прилеп во организација на Институот за старословенска култура.

Според д-р Елеонора Петрова, директор на Управата за заштита на културннното наследство, безрезервно комплексот „Маркови кули“ како биогеографска целина заслужува да биде на постојаната листа на УНЕСКО и Управата ќе помогне во тоа.

– Биогеографската целина „Маркови кули“ се наоѓа на тентативната листа на културното наследство на УНЕСКО. Меѓутоа, поголем број локалитети во околните земји веќе успеале да ги спојат природното и културното наследство во една целина и да го презентираат како една синергија во природното и културното наследство. На пример, како што се планината Рила со Рилскиот манастир, планината Горја со Студеница кои се целини и влегуваат во природното и културното наследство на листите на УНЕСКО – рече Петрова.

Според неа, за  „Маркови кули“ треба да се спои синергијата во природното и културното наследство и тоа, рече таа, е првиот чекор во таа насока.

– Изнесувајќи го културното богатство во овој регион, кој траел од праисторијата па се до денес, заедно со биогеографската целина, ќе се направи првиот чекор кој ќе може да помогне во добивањето документ со кој ќе може да се излезе пред УНЕСКО и да се побараат овие, за нас, важни содржини. Важно е да се нагласи дека ЕУ во последните години многу посветува внимание на природното и културното наследство како синергија, како една целина. Советот на Европа има донесено декларација во 2014 година, ОН во 2015, а ЕУ во 2017 година токму во оваа насока – да се обезбеди синергија помеѓу природното и културното наследство и да се третираат како целина во природна и во културна смисла – истакна Петрова.

Проф. Драган Колчаковски, геоморфолог од Природноматематичкиот факултет од Скопје нагласува дека „Маркови кули“ е впечатлив светски раритет и затоа во јуни 2004 беше ставен на привремената листа на УНЕСКО како светско природно наследство.

– Оттогаш не сме направиле ништо Марковите кули да биде и на официјалната листа на светско природно наследство. Раритетни се, пред се, релјефните форми, геолошкиот состав, иако има и културни знаменитости низ цивилизациите со манастири, тврдина, кули. Специфично е што на мал простор се голем број релјефни форми, т.н. денудацијски релјеф, кои во светот се малку. Меѓу локалитетите со таков релјеф е Кападокија во Турција која годишно ја посетуваат четири  милиони туристи. Марковите кули засега, веројатно, годишно ги посетуваат од 2 000 до 3 000 луѓе. Кога би биле на официјалната листа како светско природно наследство, би имале гости од странство како што има Охридското Езеро – нагласи Колчаковски.

Директорот на Институтот за старословенска култура-Прилеп, организатор на оваа прва меѓународна конференција за Маркови кули, рече дека излагањата ќе бидат публикувани во меѓународното  научно списание што, рече, ќе биде основа за подготовка на досие за номинација на Марковите кули на Постојаната листа на УНЕСКО.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски рече дека веќе преземаат чекори за туристичка популаризација на комплексот со проект на УНДП вреден 100 000 долари за пристапни патеки, осветлување и поставување урбана опрема. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...