Амонијак поттикнат од големо количество валкани мелни пелени во еден од становите во зграда во ТЦ Скопјанка во Аеродром ја предизвикале лошата миризба и реакцијата кај станарите. Според првичните информации, во станот живееле две жени, од кои едната на возраст од околу 90 години.
Ова го утврдила специјална екипа на АРМ која дури по пет часа откако станарите беа евакуирани пристигнала до зградата со специјална опрема, а го потврди и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
Службите ќе го исчистат станот од којшто произлегла миризбата на амонијак и ќе ја дезинфицираат целата зграда. Градоначаникот Шилегов кој вечерва беше на местото рече дека социјалните служби се известени за двете жени кои што живеат во станот и ќе преземат мерки за да им помогнат.
Командирот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје Звонко Томески рече дека службата добила телефонска дојава од граѓаните за лоша миризба што се ширела во ходниците од влезот на зградата во Аеродром, па одма испратиле екипа со пет пожарникари. Тие ги евакуирале луѓето со заштитни маски.
– Миризбата што ја почувствувале граѓаните го иритира грлото и пречи на дишењето и беше неопходно станарите да се евакуираат на безбедно -изјави Томевски.