Како до силни домашни брендови

Македонија е мала економија, која (повеќе или помалку успешно) се справува со многу од предизвиците на глобалната економија, но сепак, помеѓу нашите производи има и такви кои во текот на годините успеаа да се изградат како брендови кои се препознаени и вреднувани не само на регионално, туку и на светско ниво.

155

Често се вели дека производите се креираат во фабриките, но брендовите се креираат во свеста. Затоа, за некој производ да стане бренд, не е единствено доволно тој да биде создаден, туку можеби уште поважно е тој да биде потврден на пазарот – не само во свеста на купувачите и во нивните емоции, туку и преку нивните впечатоци, кои можат да се сметаат како додадена вредност на тој производ.

Впрочем, производите може да се менуваат во текот на годините, но брендовите се тие што успеваат да ги надминат сите просторни, временски, генерациски и социјални граници. Во нивната суштина лежат довербата на купувачите, нивното верување дека делат исти вредности со тој бренд, но и лојалноста кон тој бренд. Тоа е отворено ветување за купувачот дека неговите барања и преференци ќе бидат секогаш исполнети.

Македонија е мала економија, која (повеќе или помалку успешно) се справува со многу од предизвиците на глобалната економија, но сепак, помеѓу нашите производи има и такви кои во текот на годините успеаа да се изградат како брендови кои се препознаени и вреднувани не само на регионално, туку и на светско ниво. Такви, помеѓу другите, се „Бекутан“ на Алкалоид АД Скопје, и „Стоби Флипс“ на Витаминка АД Прилеп, два брендови кои годинава прославуваат 40 години постоење – бројка која секако е за одбележување. А оваа бројка е уште повредна ако се има предвид дека овие два домашни брендови веќе одамна ширум ги отворија вратите на регионалните, но и на светските пазари, и станаа обележја со кои лично се идентификуваат многу генерации од овие подрачја, кои биле составен дел од нивното растење, но и гаранција за квалитетот кој го носат.

Затоа, брендирањето неопходно мора да биде составен дел на процесот на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и креирањето на повисока додадена вредност во домашната економија, и тоа во сите сектори и дејности. Така на пример, во Штип, каде во текот на оваа недела ќе имаме трибина за перспективите на македонската економија, клучниот предизвик во претстојниот период ќе биде да се забрзаат процесите на модернизација и автоматизација, за да се премине од „Лон” во класично производство и формирање на повеќе сопствени брендови во текстилната индустрија. Создавањето на бренд значи лично заложување во тој производ, а купувачите тоа секако ќе знаат да го валоризираат!

п.с. Стапката на раст на БДП од 3,1% за второто тримесечје од 2018 година секако дава позитивни сигнали, после петте последователни квартали во кои македонската економија во услови на ценовна стабилност остваруваше резултати на стагнирање наспроти потребата од позабрзани позитивни економски текови.

Сепак, ваквите бројки не треба да предизвикуваат еуфорија – напротив, тие треба да послужат како поттик во последните месеци од годината да се работи за подобрување на индикаторите и секторите кај кои сé уште се бележи пад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...