Ирина Абрамович, бивша стјуардеса во компанијата „Аерофлот“, попозната како втора сопруга на рускиот олигархг, го даде своето прво интервју дури 11 години откако се разведе од Роман Абрамович.
Во својата исповед раскажала како религијата многу ѝ помогнала во животот, но и дека благодарение на алиментацијата и понатаму може да живее како останатите богаташи и да патува низ светот.
Идеален развод
За Роман се омажила во 1991 година, но и денес својата приватност љубоморно ја чува. Никој не знае зошто токму сега се одлучила да го даде интервјуто за „Татлер.рс“, а текстот е опремен со зборовите: „Ако постои идеален развод, тогаш тоа е овој на Роман и Ирина Абрамович“.
Двојката се разведе во 2007 година, деталите на нивната бракоразводна парница никогаш не протекоа, а бившите сопружници потоа никогаш не рекоа ниту еден лош збор еден за друг во јавноста. Во текот на 16. години брак добија пет деца, а добрите односи ги покажаа и со тоа дека браќата и сестрите се во идилични односи со својот полубрат и полусестра, Арон и Леа, кои Роман ги доби со третата сопруга Даша Жукова.
Горда на своите деца
Иако новинарите ги „ловеа“ и им нудеа секакви примамливи понуди, Ирина досега сите пристојно ги одбивала, најмногу поради тоа што ѝ здодеало да се спомнува како „бивша сопруга на роман Абрамович“. Денес, 51-годишната Ирина со гордост зборува за децата.
Така открила дека најстарата Ана (26), дипломирала филозофија на Универзитетот Колумбија, Аркадиј (25) е успешен бизнисмен, Софија (21) е вљубеник во коњи и многу успешна јавачка, а завршила и на Ројал Холовеј Универзитетот во Лондон. Арина (17) завршува колеџ и има намера да студира зоологија во Австралија, додека Иља (16) посетува училиште во Лондон.
Низ целиот разговор истакнувала дека таа и нејзиниот поранешен сопруг одлично функционираат кога станува збор за воспитувањето на нивните деца.
– Се трудиме да ги научиме да бидат љубезни, полни со сочувство, но и да стекнат работни навики и да се борат во животот – рекла Ирина.
Ирина и Роман се запознале на летот на „Аерофлот“, каде работела како стјуардеса. Без татко останала на две години и пораснала во сиромаштијата на СССР. Во текот на нивниот брак Роман станал моќна личност во деловниот и политичкиот свет на Русија.
Токму благодарение на неговото богатство се променил и нејзиниот начин на живот, а сето тоа ѝ овозможил лагоден живот дури и по разводот, па и понатаму ужива во многубројните луксузни патувања низ светот.
– Можеби и не можете да ме видите на настани, но ако се потрудите, ќе ме сретнете во црква, на изложба, во музеј или во театар. Вратата на мојот дом сегакогаш е отворена за пријателите и често организирам забави дома. Опкружена сум со луѓе кои и духовно ми се блиски и со кои можам да ги делам сите ситници од својот живот. Многу од нив се добро познати во јавноста, но ја цениме приватноста.“
Разговори со Господ
На прашањето со што денес се занимава, Ирина Абрамобич одговорила „со сè што ме прави среќна – разговорите со Господ, децата, блиските пријатели“. Ме интересира сè што е поврзано со културата и имам колекција од византиски и руски икони“. И додека Роман, кој сега има и израелско државјанство, е заинтересиран за своите еврејски корени, Ирина пронашла мир во Православната црква.
На крајот од интервјуто, се осврнала и на социјалните мрежи, како и на својот профил на Инстаграм, кој го отстранила.
– Ништо посебно не се случи. Едноставно ми здодеа толку луѓе со толкаво интересирање да следат нешта кои воопшто не се интересни: на пример, кој фустан сум го носела, каде сум вечерала и кои ми се пријатели.“
По разводот сите гласно ја прашувале колку добила, а во првото интервју 11 години подоцна, таа вели: „Многу, ја добив слободата“.