Општините од денеска можат да аплицираат со нови капитални проекти за 8 милиони евра преку Проектот за подобрување на општинските услуги, соопшти Министерството за финансии.
Објавен е и јавен повик за доделување на нова транша од проектот кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светската банка.
Со овие пари општините можат да финансираат проекти како изградба и реконструкција на систем за водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, локална патна инфраструктура, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриски зони и слични проекти.
За една година од јуни 2017 до јуни 2018 година, преку овој проект се реализирани 72 капитални проекта во 41 општина.
Проектот за подобрување на општинските услуги е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и ИПА грант средства за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра.