Гаранцијата за млади веќе дава резултати. Во изминатите шест месеци од имплементацијата, во Гаранција за млади се вклучени 2.325 лица (1.135 жени), од кои 733 се вработиле, 725 се вклучени во некои од активните програми и мерки за вработување, а 1.287 биле вклучени во услугата за посредување при вработување. Со интеграцискиот процес во ЕУ, политиката за намалување на младинската невработеност дополнително ќе се развива, бидејќи би имале можност за користење на средства од европските фондови наменети токму за имплементација на Гаранцијата за млади, вели Билјана Јовановска, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во разговорот за „Плусинфо“.
Невработеноста е најголем проблем во земјава, има ли оптимистички вести во однос на намалувањето на бројката на невработени?
– Секако дека има добри вести, но тие не се темелат на гол оптимизам, туку на конкретни резултати. Според податоците на Државниот завод за статистика, во вториот квартал од 2018 година стапката на невработеност е 21,1 отсто и во споредба со истиот квартал од минатата година бележи намалување за 1,5 процентни поени. Знаете дека согласно со законските прописи, Агенцијата за вработување на Република Македонија е институцијата што води евиденција и административни податоци за бројот на невработени лица. Заклучно со 31.08.2018 година, во АВРМ се евидентирани 93.522 невработени-активни баратели на работа и 90.217 – пасивни баратели, што значи дека реално се евидентирани 183.739 невработени лица. Во споредба со истиот период лани, бројот на невработени-активни баратели, бележи намалување за 3.206 лица, а бројот на пасивни баратели има намалување за 6.217 лица. Со тоа, вкупниот број лица евидентирани во АВРМ бележи намалување за 9.423 лица.
Очекуваме овој позитивен тренд да продолжи со поголема динамика, и поради бројните мерки и активности што ги презема АВРМ, но и поради перспективите што ќе се отворат за Македонија со членството во НАТО и претстојниот почеток на преговори со ЕУ. Тие два процеса во себе носат огромен потенцијал, пред сѐ, на пазарот на трудот. Искуствата од соседството ни покажуваат дека интеграциските процеси, чија динамика е нужно поврзана со широк сет структурни реформи, најбрзо го раздвижуваат тој пазар. Да не заборавиме дека високата стапка на вработеност во ЕУ е поставена на исто ниво на важност, како и макроекономските цели за раст и стабилност. Дури и самите најави за ваквите перспективи даваат конкретни импулси и резултати, за што веќе говорат и податоците за раст на БДП во вториот квартал од 2018 година. Во такво светло сакаме да го гледаме натамошниот раст и стабилноста и на македонската економија, што во краен ефект ќе значи подобар животен стандард, преку отворање нови работни места креирани од домашни и странски компании, повисоки плати, како и подобри услуги од јавните институции, меѓу кои секако е и АВРМ, со нејзините подрачни центри за вработување.
Какви мерки презема Агенцијата за поттикнување на вработувањето?
– АВРМ презема низа мерки за зголемување на можностите за вработување. Програмите и мерките, дефинирани во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2018 година, генерално можат да се поделат на две групи: Програми и мерки кои водат кон директно вработување, како што се Програмата за самовработување, субвенционирано вработување и обука за познат работодавач со субвенционирано вработување и Програми и мерки кои ја зголемуваат вработливоста на невработените, како што се разните видови обуки за општи вештини, обуки за побарувани занимања и занаети, обуки за познат работодавач и практикантство. Воедно, на невработените лица им се даваат и соодветни услуги за вработување, како што се помош при барање работа, мотивациски обуки, подготовка за вработување, професионална ориентација и кариерно советување, посредување при вработување и други активности, кои имаат за цел невработените побрзо да се вклучат на пазарот на трудот. Притоа, нашите активности се прилагодуваат во согласност со конкретните специфичности на секое невработено лице, кои се утврдуваат во индивидуалните планови за вработување. Од друга страна, за нас мошне значајна е соработката со работодавачите, која настојуваме постојано да ја унапредуваме, бидејќи без отворање нови работни места, немаме можност да ги пласираме невработените на пазарот на трудот.
Ќе успеете ли со мерките за намалување на невработеноста да поставите цврст ѕид на силниот бран на заминување на младите од земјава?
– Еден од најголемите предизвици на Владата е намалување на невработеноста на младите и нивно задржување во земјата преку создавање можности за добро платени и сигурни работни места. Во таа насока, согласно со Програмата за работа на Владата 2017-2020 година, АВРМ оваа година отпочна со спроведување на мерката Гаранција за млади, со цел подобрување на позиционирањето на младите на пазарот на трудот, пред сѐ, преку олеснување на преминот од образование кон вработување. Република Македонија е првата земја која не е членка на ЕУ, а започна со имплементацијата на Гаранцијата за млади. Мерката стартуваше од 1.03.2018 година и со неа се овозможува на секое лице на возраст до 29 години, во период од 4 месеци по неговото евидентирање во АВРМ како невработено лице, да добие соодветна понуда за вработување, можност да го продолжи образованието или да биде вклучено во некоја од активните мерки за вработување. Оваа година, Гаранцијата за млади се имплементира како пилот-мерка во три центри за вработување: Гостивар, Струмица и Скопје, со вклучување на млади лица кои не се вработени, кои не се вклучени во системот на образование и обука, и кои во 2018 година за првпат се евидентираат како невработени. За успешно спроведување на оваа активност, потребна е координирана и заедничка акција на повеќе владини институции, социјални партнери и граѓански организации. Гаранцијата за млади веќе дава резултати. Во изминатите 6 месеци од имплементација, во Гаранција за млади се вклучени 2.325 лица (1.135 жени), од кои 733 се вработиле, 725 се вклучени во некои од активните програми и мерки за вработување, а 1.287 биле вклучени во услугата за посредување при вработување. Со интеграцискиот процес во ЕУ, политиката за намалување на младинската невработеност дополнително ќе се развива, бидејќи би имале можност за користење на средства од Европските фондови наменети токму за имплементација на Гаранцијата за млади.
На веб-страницата на Агенцијата се вели дека во моментов во земјава има 8.368 слободни работни места. Може ли да се направи краток осврт на побарувачката на работна сила, споредено со слободните работни места? Кои професии се дефицитарни, а каде има наплив на стручен кадар?
– Согласно со Законот за работни односи предвидени се неколку начини преку кои работодавачот може да ја обезбеди потребата од работници. Независно од тоа дали потребата од работник ќе ја декларира преку јавен оглас во дневниот печат, јавен оглас во АВРМ или преку агенција за посредување, должен е пред објавување на јавниот оглас во АВРМ да достави пополнета Пријава за потреба од работник (ППР). Со оглед на таа законска обврска, АВРМ на својата веб-страницата ги објавува сите јавни огласи согласно со податоците содржани во ППР-обрасците, пополнети и доставени од работодавачите, и тие податоци постојано се ажурираат. Во однос на професиите, а зависно од степенот на потребно образование, работодавачите огласуваат слободни работни места за програмери, сметководители, економисти, правници, административни службеници, комерцијалисти, текстилни техничари, хигиеничари за станбен и деловен простор, продавачи, келнери, шанкери, готвачи, шивачи, возачи, градежни работници, обезбедувачи (на имот и лица), чевлари, магационери, општи работници, дистрибутери и друго. Како што гледате, побарувачката е прилично шаренолика.
Од странски инвеститори често пати може да слушнеме забелешки дека имаме недостиг на стручен кадар, односно дека во некои професии има тесни грла со неквалификуван кадар. Какви мерки треба да се преземат за на пазарот на трудот да се воспостави рамнотежа на понудата и побарувачката и секако подобрување на квалитетот на понудата?
– Неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, која постои со години наназад, претставува главен предизвик на политиките за вработување на Владата и токму во таа насока се преземаат низа активности за нејзино намалување. Новите техничко-технолошки промени и динамичниот развој на пазарот на труд, креираат работни места за кои се потребни нови знаења и вештини, кои секогаш не можат да се стекнат во процесот на формално образование. Затоа е неопходно поврзување на процесот на формалното и неформалното образование, со цел да се задоволат актуелните потреби на пазарот на труд. Од тие причини, невработените лица се насочуваат да се вклучат во обуки за дополнителни знаења и вештини, а работодавачите се мотивираат да организираат обуки во нивни работни простори, со нивна опрема и технологија, за да ги обучат потенцијалните кандидати за вработување согласно со нивните потреби. Практично, АВРМ ги спојува двете заинтересирани страни во „аранжаман“, во кој и понудата и побарувачката на работната сила добиваат додадена вредност: од една страна, зголемување на капацитетите за вработување, а од друга, подобро позиционирање на пазарот на трудот преку новостекнати вештини. Токму во овој контекст, исклучително значајно е членството во НАТО, бидејќи се очекува наплив од нови инвестиции, голем број бизниси од логистички карактер, соодветно на тоа и потреба од домашни кадри, нивна обука, и генерално – креирање на еден стабилен пазар. Од големо значење ќе ни биде и искуството на земјите-членки на ЕУ во размената на добри практики за надминување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работната сила, пред се, преку реформи во образовниот систем и креирање на нови политики за поттикнување на вработувањето во државата.
Програмата за самовработување има силна поддршка од граѓаните кои во овој проект видоа голема надеж дека ќе успеат на почетокот можеби и со мали фирми да го скршат мразот кон успешен и профитабилен бизнис. Имате ли комплетна слика за ефектите од овој проект и за какви бизниси најчесто се интересираат македонските граѓани?
– Ефектите се видливи и мерливи. Програмата за самовработување е дел од годишниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, за неа постои голем интерес, а досега се регистирани 10.161 правен субјект. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година од вкупниот број на формирани приватни бизниси на годишно ниво, приближно 16% се однесуваат на Програмата за самовработување. Според последните податоци, најголем интерес има за отворање на бизниси во трговијата на мало и големо, а потоа следи преработувачката индустрија. Најголем број корисници на Програмата има во скопскиот и тетовскиот регион.
Огласот за пријавување на курс за оџачари предизвика позитивни реакции. Планирате ли повторно да го активирате овој оглас пред зимската сезона?
– Обуката за оџачари за првпат се спроведуваа оваа година, и тоа во рамките на мерката Обука за побарувани занимања и занаети. По објавените два огласа во изминатиов период, вкупно 15 лица се вклучени во овие обуки. Со тоа се исполни планираниот таргет за оваа година.
И уште едно прашање за еден од најактуелните проблеми – иселувањето заради вработување. Како да се задржи работоспособото население во Македонија?
– Со широк сет на ефективни мултидисциплинарни мерки и меѓуресорски напори. Сите сме свесни за трендот на зголемено иселување на наши државјани во странство, особено кај помладата популација, но затоа правиме напори да креираме политики и мерки за да ги подобриме условите на пазарот на трудот. Воведуваме нови програми за вработување кои ќе бидат атрактивни за работодавачите да отвораат нови работни места и да го развиваат бизнисот, но и за невработените, особено за младите лица кои се иднината на оваа држава. Затоа велам дека за надминување на овој горлив проблем, потребно е дејствување во сите сфери на општеството – од образованието, преку здравствената заштита и домувањето, до развојот на економијата. Владата презема низа инцијативи во сите овие сфери, за чии успешни резултати верувам дека ќе бидеме сведоци во скоро време. Средствата што ги користиме од Европските фондови се исклучително значајни. Колку за илустрација, во периодот 2010-2017 Агенцијата за вработување спроведе повеќе проекти финансирани од ЕУ фондовите преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) кои имаа за цел јакнење на институционалните капацитети на АВРМ со што се овозможија подобрени услуги кон невработените лица и работодавачите, како и дополнителни активни програми/мерки и услуги за вработување. Вкупно за овие проектни активности беа искористени повеќе од 7.480.000 евра. Во тек е изработката на нов проект финансиран во рамки на ИПА 2, за кој се предвидени средства во висина од 3.000.000 евра за периодот 2019-2021 година. Со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, овие фондови постојано ќе растат, а тоа ќе значи повеќе активни програми, мерки и услуги за вработување, полесен премин од образование кон вработување, побрза интеграција на пазарот на труд на барателите на работа, повеќе работа за домашните и странските компании, отворање на нови работни места, поголеми можности за вработување и повисоки плати, а сето тоа во крајниот ефект ќе придонесе за подобар животен стандард на граѓаните и ќе се запре одливот на млад и стручен кадар во другите европски држави.