Меѓународната финансиска корпорација ќе ја зголеми поддршката на Македонија

Размислуваме да го поддржиме развојот на приватниот сектор преку поврзување на СДИ со домашните компании, вели директорката на Меѓународната финансиска корпорација за Европа и Централна Азија Вебке Шлумер.

87

Поддршка на приватниот сектор, подобрено снабдување со електрична енергија и олеснет пристап до финансии за микро, мали и средни компании се трите области во кои Меѓународната финансиска корпорација размислува да ја поддржи Македонија.

Ова му го пренела директорката на Меѓународната финансиска корпорација за Европа и Централна Азија Вебке Шлумер на министерот за финансии Драган Тевдовски.

– Размислуваме да го поддржиме развојот на приватниот сектор преку поврзување на странските директни инвестиции со домашните компании. Втората област во која би ја насочиле нашата поддршка е овозможување на подобра снабденост на електрична енергија од обновливи извори. Третата област е поттикнување на развојот на микро, мали и средни претпријатија преку олеснет пристап до финансии – истакнала Шлумер на вчерашната средба во Министерството за финансии.

Министерот Тевдовски, како што денеска соопшти ресорното Министерство, ја посочил посветеноста на Владата на овие прашања. Во делот на пристапот до финансии од големо значење е потпишувањето на договорот со ЕИБ за 100 милиони евра евтини кредитни линии – рекол Тевдовски.

Ова е прва посета на Шлумер од нејзиното назначување на позицијата регионален директор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...