Амбасада на САД: Не бевме консултирани за законите за формирање војска на Косово

248

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина соопшти дека не била консултирана од косовската Влада во врска со одлуката за усвојување пакет закони за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Соединетите Американски Држави секогаш го поддржувале сувереното право на Косово да има војска и соработуваа тесно со Косово за остварување на таа цел. Ние не бевме консултирани за времето кога е донесена одлуката и треба да ги анализираме нацрт-законите за да ги разбереме нивните цели и нивниот ефект, се вели во соопштението на амбасадата на САД во Приштина.

Од таму велат дека во минатите недели биле посветени на градењето внатрешен консензус меѓу косовските политички субјекти за дијалогот со Србија.

– Ние и натаму веруваме дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е најзначајниот чекор за напредок во блиска иднина, се вели во соопштението на американската амбасада.

Владата на Рамуш Харадинај денеска, без присуство на министрите од Српската листа, го усвои Нацрт-законот за трансформација на ФСК во Војска на Косово. Во таа функција, на предлог на министерот за ФСК Рустем Бериша, беа усвоени и измените на три закони, со кои на таа формација се даваат нови надлежности, а Министерството на ФСК прераснува во Министерство за одбрана на Косово.

Од Српската листа, партијата која ги претеставува Србите во косовското Собрание и партиципира во Владата на Харадинај, соопштија дека се против трнасформацијата на ФСК во војска.

Потпретседателот на Српската листа и пратеник во косовското Собрание Игор Симиќ за Радио Слободна Европа изјави дека „единствена легална воена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, е КФОР, кој на овие простори дојде со согласност на Република Србија“.

На денешната одлука на Владата на Харадинај реагираше и министерот за одбрана на Србија Александар Вулин, кој рече дека „формирањето косовска војска е напад врз мировните напори“ на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...