УЈП и од мртви ќе ги врати пензионерите за да пријават пензија

1995
20150619 Friday 1122 pazar penzioneri vtornik petok sabota nedela

Електронското пријавување на приходите за персонален данок наместо олеснување стана товар и извор за нови трошоци за голем број граѓани, стари, болни, инвалиди или изнемоштени лица, кои досега ниту пополнувале даночна пријава ниту пак имаат мејлови и не знаат електронски да се регистрираат на сајтот на Управата за јавни приходи и да ја завршат постапката пред шалтерите.

Новите правила на Управата за јавни приходи предвидуваат сите граѓани кои во текот на годината оствариле приход, вклучувајќи ги и оние што примиле само плата и пензија, електронски да се регистрираат на сајтот на Управата преку системот Е-персонален данок.

Според овие правила, граѓаните кои не знаат да работат со компјутери ќе треба да обезбедат полномошник за кореспонденција со даночниците и потоа лично да го донесат пополнетото барање во некоја од канцелариите на даночната управа.

Дополнително, полномоштвото за овие граѓани треба да биде заверено кај нотар, што пак за нив носи трошок од 150 денари ако самите го напишат полномоштвото или 450 денари ако полномоштвото го напише нотарот како нотарски акт.

Поголемиот дел од нотарите кои ги консултиравме дури и не пишуваат ваков акт, па ако граѓанинот не знае да го напише ќе треба да најми адвокат и за тоа да плати дополнително.

– Никогаш во животот не сум пријавувала приходи за оданочување, бидејќи освен пензијата немам други приходи. Сега слушам дека треба да ја пријавам пензијата и тоа да го направам на компјутер. Ниту знам да користам компјутер ниту пак знам што треба да направам и што ќе биде потоа. Немам блиски роднини кои би го направиле тоа за мене, па го молев детето на соседот да пополни нешто на компјутер. Детето ми рече дека треба и кај нотар да се оди. Што прават со нас старите луѓе? Зарем на мојата ниска пензија ќе треба да плаќам данок – вели 85-годишна пензионерка од Скопје.

Граѓаните велат дека иако регистрацијата се прави само еднаш, мислеле дека од дома ќе ја завршат работата без да се туркаат пред шалтери.

– Мислев дека оваа обврска ќе ја завршам од дома или од канцеларија, но кога се обидов да се регистрирам, воочив дека сега треба повторно да печатам пријава да ја пополнувам и лично да ја однесам на шалтер и згора на тоа да се легитимирам. Ми се појави сликата од претходните години кога на шалтерите имаше турканици. Тоа ќе треба повторно да го преживеам и ако е еднаш ќе биде добро – вели Соња Трифуновска.

За дел од граѓаните кои редовно поднесувале даночни пријави е нејасно и тоа, зошто УЈП не ги користи податоците кои ги има веќе за нив.

– Секоја година ги пријавувам дополнителните приходи со даночна пријава. Во неа има активна мејл адреса и телефон. Не ми е јасно зошто не ги користат нив, туку сега мора повторно да се регистрирам. Нека се потрудат малку и нека ги внесат податоците сами наместо да нѐ малтеретираат нас. Па слушам и пензионерите и сите кои примаат само плата сега требало да се регистрираат. Невидено, навистина имаме бавна и мрзлива администрација – вели скопјанка.

Граѓаните од помалите општини реагираат дека инвалиди пензионери кои живеат во селски населби треба да одат со километри до првиот град и да бараат нотар.

– Брат ми е пензионер инвалид кој живее сам во село во Македонски Брод. Нема интернет и не може да аплицира сам. Сега треба прво да оди во Кичево па да бара некој да го регистрира и да му даде полномоштво зашто нема млади во селото. Па на нотар и сѐ по ред. Не е ли ова малтретирање на човекот? – прашува скопјанка.

Експертите велат дека дел од овие прашања можат да се решат со подвижните даночни шалтери или преку организиарање тимови од нотар и даночници за да се заврши постапката кај лицата кои живеат сами или се стари и инвалидизирани.

Од Управата за јавни приходи вчера објаснуваа, а за денеска најавија дообјаснување за нејаснотиите на кои реагираат граѓаните и пензионерите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...