Актерот Благоја Чоревски наградата за високо актерско остварување на 26. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, што се одржа во Струмица од 8 до 12 септември, ја доби за улогата на Вилфред Бонд во претставата „Квартет“ по текст на Роналд Харвуд, во продукција на Македонскиот народен театар и „Контрапункт“ од Скопје, како и за неговиот севкупен творечки придонес во развојот и растежот на современиот театар.
Со вакво образложение фестивалското жири, предводено од познатата српска актерка Тања Бошковиќ, одлучи единствената награда за актерско остварување да му ја додели на Чоревски.
Господине Чоревски, честитики за наградата, и што значи таа за вас?
– За мене тоа е една голема сатисфакција, пред се, затоа што наградата го носи името на мојот колега со кого сум играл. Еден од најголемите наши актери, не еден, туку сигурно најголем.
Да се добие оваа награда е истовремно и обврска да бидеш и понатаму уште подобар. Нема да бидам подобар од Шишков. Но, ќе се трудам да го достигнам барем уште малку.
Имате ли наредни предизвици?
– Јас постојано имам предизвици. Секој што ќе ме повика, јас одам со чисто срце да играм. На крајот на краиштата само тоа го знам, друго не знам да работам.
Семејството Чоревски не ја добива првпат наградата „Ристо Шишков“. Пред Вас лауреат беше брат Ви Борис.
– Големо е задоволството што во семејството Чоревски ја сум вториот кој ја добива оваа престижна награда во Македонија – една и единствена. Мојот брат ја доби наградата пред повеќе години (2011 година н.з.).
Можеби ние ќе останеме во историјата како единствени браќа-актери што ја добиле наградата на мојот другар, пријател и колега, брат – Ристо Шишков.