„Блокбастер“ на отворањето на МОТ

339

Меѓународниот театарски фестивал, Млад отворен театар (МОТ) годинава ќе се оддржи од 20 до 28 септември. Во Македонскиот народен театар на 20 септември во 20 часот фестивалот ќе биде отворен со „Блокбастер“ т.н. „театарско НЛО“ претстава, која е филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.

Втората вечер е резервирана за Словенско младинско гледалишче и претставата „Идиоти“. По неа следува германската „Има уште“, која е експеримент и ново колективно кореографско искуство, кое предизвикува внимание на поинаков начин.

Сцената на кино Фросина е домаќин на третиот ден на МОТ, кога гостува Новосадско позориште со најнеобичната поставка на текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“, во режија на нашиот Александар Поповски, на унгарски јазик. По неа во Драмски театар изведба на домашната „Странци“, на Нела Витошевиќ и отворањето на дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел, со „Го убивме шугавото куче“ е дел од проектот Африкански бранови, кој ги спојува Португалија и Африка, а ќе бидат прикажани во Дансинг салата на МКЦ. Следува „Балканската рута“ по која се движел театарскиот и филмски режисер, Франц фон Столхен.

На малата сцена во Македонската филхармонија, Искра Шукарова со студентите на ФМУ ја поставува „Чудна шума“, а по неа следува премиера на домашната независна театарска трупа Артопиа со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим.

„Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ, претставува ангажирана општествена сатира, која реферирa на историската мегаломанија на поранешната македонска власт и нивните проекти, кои ја изопачија сликата на нацијата. Претставата ќе биде прикажана во Македонската опера и балет.
По неа следува соло проектот на Словенецот Марко Булц, кој претенциозно ја создава идејата за алтруизам нарекувајќи го „Прва алтруистичка приказна“, но дали сам во сѐ, има нешто алтуристичко?

Јо Стромгрен Компани од Норвешка по втор пат на МОТ, овојпат со женски кастинг во „Болница“, со која ги поместува границите употребувајќи бесмислен јазик и локална естетика на секоја од претставите.

По соработката со Артопиа, режисерката Ирем Ајдим на МОТ гостува со Ентропи студио од Истамбул и „Над земја под облаци // некаде помеѓу”.
На 20 и 21 септември, претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на режисерката Нина Николиќ, доаѓа на МОТ, како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Репубика Македонија.

А на сцената на МКЦ гостува корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија Сисифе од Сеул.
Ф

естивалската програма завршува со „Црнила ремикс“, едно поинакво видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле. Овој музичко-драмки перформанс поставен од Јордан Симонов е во продукција на Младинскиот културен центар.

43-от Млад отворен театар ќе се случува на осум сцени низ Скопје, Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар.
Цената на билетите во претпродажба до 19 септември изнесуваат 200 денари, а потоа билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари.

Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапат нордиската експериментална група Fire! и египетската изведувачка Nadah El Shazly. Покрај двата концерти, изложбата „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на авторот Крсте С. Џидров, додека платформата Гледај.мк ја слави првата успешна сезона со објавени 50 рецензии. Одбележување на 70 години јубилеј на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт/УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмски сценарист и актерка од Русија, Јарослава Пулинович и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“ со драмско читање на 11 македонски уметници и автори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...