Орбан жестоко ги нападна европарламентарците за „Саргентини“, тие жестоко му вратија

280

Ден пред клучно гласање на Европскиот Парламент за суспензија на правото на глас на Унгарија во ЕУ, премиерот Виктор Орбан одржа жестока дебата со европратениците.

Извештајот „Саргентини“, наречен по известувачот, европратеничката Јудит Саргентини, предвидува активирање на „нуклеарната“ опција – членот 7 на Повелбата на ЕУ, со која се суспендира правото на глас на земја членка во Советот на ЕУ. Извештајот набројува низа прекршувања на демократските правила и владеењето на правото во Унгарија, контрола врз медиумите, ограничување на правото на изразување, верските слободи како и независноста на судството.

Орбан овој извештај го нарече „навреда“ за Унгарија и за „честа“ на унгарската нација, а авторите на извештајот ги спореди со „разгалени богати деца“ кои „наследиле“ демократија наместо да се изборат за неа. Според унгарската влада извештајот е полн со „лаги и невистини“.

-Мислите дека знаете подобро од самите Унгарци што им е потребно, овој извештај не ги почитува Унгарците – изјави Орбан.

Мнозинството европратеници, со исклучок на партиите на екстремната десница и популистичките партии, му реплицираа на унгарскиот премиер со еднаква страст.

Холандската пратеничка Софи Вантвелд му порача на унгарскиот премиер дека сите европратеници „исто така имаат гласачи, не само вие господине Орбан“.

-Моите гласачи ме прашуваат зашто ние треба да ги почитуваме правилата, а Унгарија не мора. Прашуваат зошто и даваме 87 милиони евра неделно на Унгарија за да ја уништува ЕУ. Тешко ми е да им одговорам на гласачите – изјави Вантвелд.

Повеќето европратеници повторија дека извештајот „во ниеден случај“ не се напад кон унгарскиот народ, туку напротив има за цел да ја заштити демократијата и европските вредности во Унгарија.

Европратеничката од Словенија Тања Фајон изјави дека ќе го поддржи извештајот „Саргентини“, таа потсети дека партијата на Орбан ги шири истите „методи на сеење страв“ надвор од своите граници, вклучително и во Словенија.

-Вакви кампањи се навреда за сите Европејци, жално е што мораме да зборуваме за демократија и владеење на правото во земја членка. Унгарците не заслужуваат никој да ја поткопуваа демократијата – рече Фајон на дебатата.

Главната поделба околу овој извештај е во самата политичка група на Орбан, Европската Народна Партија. Голем број политички партии членки на ЕПП најавија дека ќе го поддржат извештајот и суспензијата на правата на гласање на Орбан, како Австрија, Грција, Малта, Белгија и други. Британците пак порачаа дека ќе гласаат против извештајот.

Најголема поддршка Орбан ќе добие од популистички партии кои за време на дебатата застанаа на страна на унгарскиот премиер.

-Знам дека мнозинството меѓу вас ќе го одобри извештајот и знам дека мојот говор тука нема да ви го смени мислењето – изјави Орбан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...