Со 5 милиони евра од евтините кредитни линии од ЕИБ, „Пекабеско“, има изградено нова фабрика во која денеска работат 160 работници. Ова е само еден успешен пример. На располагање се уште 100 милиони од ЕИБ за кои компаниите ќе може да аплицираат од октомври.
Договорот за нови 100 милиони евтини кредити од Европската Инвестициска Банка беше потпишан денеска.
По тој повод министерот за финансии Драган Тевдовски, потпретседателот на ЕИБ, Ендру МекДауел и Драган Мартиновски главен извршен директор на Македонската банка за поддршка на развојот ја посетија фабриката „Пекабеско“.
Првиот извршниот директор на „Пекабеско“, Слободан Кутревски, вели дека со изградбата на новата фабрика двојно го зголемиле производството и за три пати го зголемиле извозот на сувомеснатите производи. Ова им овозможило и вработување на 160 лица во новата фабрика што е за два пати повеќе од предвиденото во бизнис планот на почетокот. Денеска во оваа компанија работат над 470 лица.
– Купивме уште 4 хектари земјиште околу фабриката за проширување на производството при што планираме да аплицираме и за новата кредитна линија – информира Кутревски.
Потпретседателот на ЕИБ, Ендру МекДауел, рече дека е многу добро да се види каде се пласираат средствата.