Полемика и разочарувања

4316

Откако решив да го повикам министерот за надворешни работи Никола Димитров, на европски начин, со европско поведение, да ја расчисти непријатната ситуација во врска со информацијата  за доделувањето стипендија на неговата ќерка, во најмала рака очекував објаснување зошто за стипендијата дознавме речиси една година по нејзиното доделување. И тоа не од министерот.

Да, очекував спротивставени ставови на моето тврдење дека во случајот станува збор за конфликт на интереси (не за повреда на законот, тоа посебно го нагласив). Очекував емотивна поддршка за нашиот популарен министер, за кого и јас се изразив пофално. А да бидам искрен, очекував дури и една канонада од веќе стандардните, нарачани, куртонски плутони од апологетите на власта. Сето тоа беше, ако може така да се каже, предвидливо.

Она што сепак не го очекував беа подметнувањата дека сум произвел скандал за да го минирам референдумот и сомнамбулни шпекулации дека мојата реакција била во контекст на претстојните претседателски избори. Ме изненади и тоа што ваквите глупости се уште ме изненадуваат и што задоцнето сфаќам дека пречесто имам превисоко мислење за некои луѓе кои тоа не го заслужуваат.

Најмногу од се ме разочараа спиновите дека идејата на мојот напис била да се нападне ќерката на министерот Димитров и да и се одзела стипендијата. Ако Јана Димитрова или било кој од нејзиното опкружување паднал на ваквата теза, која е кардинална глупост, навистина ми е криво. За жал, такви тврдења слушнав (прочитав) дури и од луѓе кои имаат се што им е потребно да бидат врвни интелектуалци и креатори на јавното мислење, ама баш се, освен најважната работа – карактер.

Како и да е, не ми е жал што отворив една ваква полемика. Научив некои нешта за некои луѓе што требало да ги знам од порано. Натерав некои други луѓе похрабро да зборуваат и да размислуваат за тоа што е конфликт на интерес, особено во земја што претендира да биде дел од ЕУ. Конечно, оспорив едно системско решение (стипендирање на нашите студенти во странство), наследено од минатиот режим, а за кое многу познавачи и паталци веќе се изјаснија дека е фарса.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...