Превирањата во Институтот на сметководители и овластени сметководители продолжуваат. Денеска околу 50 сметководители и овластени сметководители членови на Институтот, иако уредно и законски пријавени, со полиција беа оневозможени да присуствуваат на Собранието на кое се разгледуваат, како што тврдат, значајни прашања.
Тие обвинија дека Институтот изминатите две години работи незаконски и спротивно на статут, а денешната седница на Собранието е продолжение на низата скандали со непотизам, нетранспарентно работење и финансиски криминали. Тврдат дека Институтот се соочува со сериозни неправилности во донесување на актите за работа и нетранспарентност во изборот на органите.
Го повикаа Министерството за финансии да изврши контрола на, како што велат, незаконското работење на собранието кое по втор пат се одржува зад затворени врати без да дозволат присуство на членови на ИСОС.