Весели: Вучиќ покажа дека е ист како Милошевиќ

243

Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели вели дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, со неговата посета на Косово, потврди дека српските лидери продолжуваат по стапките на Слободан Милошевиќ и дека во Косово не дошол за да ги штити локалните Срби, туку за да се промовира себе си, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели во коментар по повод дводневната посета на Вучиќ на Косово тврди дека дозволата на Вучиќ да го посети езерото Газивода му е дадена на инсистирање на меѓународните партнери на Приштина, но дека српскиот претседател и таа дозвола ја злоупотребил.

„Мирот и добрососедството биле и ќе останат основни цели на косовската држава. Косово верува дека патот на дијалогот и соработката е единствената можна алтернатива за надминување на недоразбирањата од минатото и за чекорење напред по евро-атлантскиот пат. Во духот на овие принципи ние одлучивме да ја дозволиме посетата на претседателот на Србија“, напиша Весели на Фејсбук.

Парламентарниот спикер и лидер на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) вели дека од самиот почеток бил против да му се дозволи на Вучиќ да го посети езерото Газивода, бидејќи таа посета „не придонесува за мирот и дијалогот во регионот“, но дека, на инсистирање на меѓународните партнери, дозволата е дадена.

„Сметам дека однесувањето на браната во Газивода претставуваше јасна демонстрација на логиката на политичка хегемонија, но исто така е и против сите правила на безбедноста, бидејќи нема никаква демократска пракса која гарантира безбедносни мерки за одржување на прес-конференција на една брана“, напиша Весели.

Сепак, вели Весели, „сметам дека е добро што се случи, бидејќи со ова уште еднаш се потврди дека српските лидери ја продолжуваат традицијата на Слободан Милошевиќ“.

„(Тоа е потврда дека) тие не доаѓаат за да им помогнат и да ги заштитат косовските Срби, туку доаѓаат за да се промовират. Како и секогаш, со старата реторика против мирна иднина“, напиша Весели.

Според Весели, настојувањата на Србија да го блокира напредувањето на Косово јасно упатуваат на тоа дека се потребни дополнителни напори за јакнење на државата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...