Семејството на Мек Милер синоќа потврди дека раперот починал во неговиот дом во Лос Анџелес, Калифорнија. Според американските медиуми, тој се предозирал со опојни супстанци.
Мек Милер (26) беше роден како Малколм Џејмс Мекормик. Во текот на последната деценија тој беше еден од најуспешните независни артисти во хип-хоп индустријата, а неговото влијание се прошири и кон другите жанрови. Покрај како рапер, Милер беше познат и како продуцент и соработуваше со имиња како Кендрик Ламар и Андерсон .Паак. Неговиот последен албум, „Swimming“, излезе минатиот месец.
Во последните неколку години Мек Милер отворено зборуваше за неговата навика на користење опојни супстанци. Овој август тој беше уапсен во Лос Анџелес поради управување со автомобил под дејство на дрога.
Голем број артисти од американската сцена изразија сочувство до семејството на прерано починатиот Мек Милер.