Српскиот претседател Александар Вучиќ ја заврши средбата со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и се враќа во Белград, јави Танјуг.
Вучиќ си заминал од зградата каде што се наоѓа седиштето на европската служба за надворешни работи во Брисел и веднаш се упатил кон аеродром од каде ќе отпатува за Белград.
Состанокот на Вучиќ со Могерини траел повеќе од еден час.
Српскиот претседател до вечер нема да ѝ се обраќа на јавноста, а сѐ уште не донел ниту одлука дали ќе се откаже од посетата на Косово, поради, како што кажа директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ, „сите измами, закани и лаги на косовските Албанци“.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини денеска изјави дека ќе предложи нова средба на високо ниво во рамки на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово пред седницата на Генералното собрание на ОН.
Изјавата на Могерини доаѓа по денешните одделни средби во Брисел со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Таа истакна дека верува во постигнување договор помеѓу двете страни во наредните месеци.