Жителите на шарпланинското село Вешала со мирен собир пред хидроцентралата која се гради во близина на нивното село, го искажаа револтот од реализацијата на овој проект, кој според нив се гради без сите потребни документи.
– Ние, жителите на село Вешала, кои живееме во Вешала и во Тетово, но и во странство и што имаме ниви и куќи во Вешала, се спротивставуваме на изградбата на хидроцентралата на реката која поминува покрај нашето село. Ние поднесовме петиција до Министерството за животна средина и просторно планирање, до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Општина Тетово, под итно да се преземат мерки за запирање на работите. Сметаме дека инвеститорите ги немаат сите потребни документи за изградба на оваа хидроцентрала. Досега локалната заедница не е информирана за овој проект – вели Емин Делали од месната заедница Вешала.
Оттаму посочија дека со изградбата на хидроцентралата ќе се наруши еколошкиот биодиверзитет во тој дел на Шара, а дел од земјоделците ќе останат без наводнување.
– Сметаме дека овој проект е штетен за животната средина, затоа што ќе исчезне еколошкиот биодиверзитет. Бараме од Владата да го запре овој сомнителен проект. За изградбата на оваа хидроцентрала досега локалната заедница не е информирана. Исто така, се пренасочува природниот тек на реката, каде што функционираа три млина. Од оваа река ние ја наводнувавме земјоделската површина, а ако се пренамени реката за производство на струја, во тој дел ќе немаме со што да ги наводнуваме нашите земјоделски производи – додаде Делали.
Од Министерството за животна средина за медиумите истакнаа дека проектот изградба на хидроцентрала е со дозвола.
На Шар Планина, која изобилува со реки, во последниве десет години масовно се градат хидроцентрали на локации со недопрена природа. За повеќе хидроцентрали имало протести и блокади, но само на жителите на Вратница, каде што на Вратничка Река имаше обид да се гради хидроцентрала, им се исполнија нивните барања.
Тогаш секојдневно стражареа покрај железната ограда што ја поставија на 100 метри од Вратничка Река и не дозволуваа да помине градежната механизација, која почна да гради хидроцентрала на оваа шарпланинска река. Жителите на Вратница не дозволија да се изведуваат градежни активности на, како што тврдеа, нивен приватен имот, а до Владата поднесоа петиција за спас на Вратничка Река.
Блокадите траеја неколку месеци, а инвеститорите се откажаа од изградбата на хидроцентралата, за која мештаните велеа дека ќе им ја уништи реката, која ја користат за наводнување, но и за водоснабдување. Истовремено, беа загрижени и за животинскиот и рибниот фонд во реката и околината.
„Слободен печат“