Фирмите кои сакаат да ја искористат финансиската поддршка за раст на плати може да аплицираат во Управата за јавни приходи, преку системот за Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН).
Министерството за труд и социјална политика информира обезбедувањето на повисоки плати за работниците е овозмено со последните измени и дополнувања на Законот за минимална плата (објавени во “Сл. весник на РМ” бр. 140/18), во кои се утврдени и условите кои треба да ги исполни работодавачот за да ја добие финансиската поддршка.
Поддршката изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатна во последните три месеци лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно.
„Еден од предвидените услови е фирмата која аплицира за поддршката претходната година да имала трошоци за работење (плати, надоместоци, даноци за плата и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување), во износ повисок од 50 отсто од вкупните расходи, а бруто исплатената плата на работникот во месеците октомври, ноември и декември 2017 година, да изнесува до 26. 250 денари“, појаснуваат од Министерството за труд.
Проверката на исполнетоста на условите за добивање на финансиска поддршка ја прави Управата за јавни приходи, а исплатата на средствата, Министерството за труд и социјална политика.