Обвинителот од Лос Анџелес објави дека нема кривично да го гони холивудскиот актер Кевин Спејси заради обвинение за сексуален напад од 1992 година, бидејќи според законите на таа сојузна држава, настапила застареност на случајот.
Случајот, во кој жртвата денес е возрасен маж, обвинителите го преземаа во април и оттогаш беше на разгледување. Детали од обвинувањето не се објавени. Обвинителството навело дека за обвинение настапила застареност и дека врз основа на тоа нема да покренуваат постапка. Спејси не бил достапен за коментар.
Инаку последниот филм на овој двократен оскаровец, „Клуб на момчиња милијардери“, доживеа фијаско бидејќи во текот на првиот викенд на прикажување од продажбата на влезници во 11 кино-сали заработи само 618 долари. По низата обвинувања дека сексуално вознемирувал многу помлади колеги, на Кевин Спејси му беше откажана соработката и во серијата на Нетфликс, „Куќа од карти“.