За реконструкција и изградба на локални патишта ќе се инвестираат околу 70 милиони евра, кои ќе се обезбедат преку Светска банка, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој денеска ги потпиша договори со шест општини за финансирање на општинска инфраструктура преку Проектот за подобрување на општинските услуги.
– Станува збор за средства од четиригодишната стратегија за соработка со Светска банка, кои сметаме дека најдобро ќе се искористат ако се вложи во локална инфраструктура. Сметаме дека е потребно овие средства да се вложат во локални патишта, кои се потребни низ цела земја. Тие ќе ги подобрат услугите кон граѓаните, а водено и ќе ја придвижат економијата. Ова е значајна сума на средства – истакна Тевдовски.
Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.
Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди средства од Светска банка за реализација на овој проект, додека Министерството за транспорт и врски ќе го спроведе истиот.