Хоти: Косово е загрозено од криминални банди, од Тачи, Весели и Харадинај

Косовската опозиција е против тоа претседателот Хашим Тачи да ги предводи преговорите со Србија, заради неговите залагања за корекција на границите, односно на размена на територии меѓу двете земји.

109
ФОТО: EPA/VALDRIN XHEMAJ

Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти порача синоќа, во име на опозизијата, дека Косово мора да се одбрани од „криминалните банди“ на чие чело се раководителите на државните институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

По одлагањето за денеска попладне на вонредната седница на Собранието, на која треба да се гласа за составот на владиниот тим за преговори со Србија, предложен од премиерот Рамуш Харадинај, Хоти рече дека опозицијата со здружени сили ќе ги употреби сите уставни средства за уривање на актуелната власт.

Шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, по незапочнувањето на од порано закажаната седница на барање на опозицијата, за расправа за преговорите со Србија и намерите на косовскиот претседател Хашим Тачи за корекции на границите со Србија, го обвини претседателот на собранието Кадри Весели дека го прекршил Уставот на државата.

– Ние денеска бевме во очекување на вонредната седница, побарана од трите опозициски пратенички групи, но таа седница се уште не е отворена. Ова однесување на претседателот на Собранието, кој не ја отвори оваа седница, претставува кршење на Уставот на Косово и на Правилникот за работа на Собранието, рече Хоти.

Според него, целата косовска јавност вчера беше сведок на „маскарада на владејачката коалиција“.

– Косовската држава е загрозена од криминалните банди, косовската држава е згрозена од луѓе како Кадри Весели, Рамуш Харадинај и Хашим Тачи. Треба да се мобилизираме заедно со граѓаните за да ги отсраниме овие криминални банди – рече Хоти синоѓќа на прес-конференција во Собранието, по објавувањето на прекинот на вчерашните собраниски активности од страна на Весели.

Тој ги обвини владејачкие структури дека сакаат да формираат преговарачки тим со кој ќе го поделат Косово.

– Ние нема да го дозволиме тоа, порача шефот на пратеничката група на ЛДК, нагласувајќи дека зборува и во името на другите две опозициски партии во косовското Собрание, Движењето Самоопределување (ВВ) и Социјалдемократската партија (ПСД).

Косовската опозиција е против тоа претседателот Хашим Тачи да ги предводи преговорите со Србија, заради неговите залагања за корекција на границите, односно на размена на територии меѓу двете земји.

Пред да се закаже седницата на барање на Харадинај, Собранието веќе имаше закажано седница на барање на опозицијата за расправа за преговорите со Србија, односно за усвојување на резолуција за непроменливост на границите на Косово.

Меѓутоа, во последен момент, доцна вечерта во понеделникот, собраниското Претседателство закажа седницата за гласање на предлогот на Харадинај за владин тим за преговорите со Србија. Седницата на барање на Харадинај беше закажана за во 9 часот, еден час пред претходно закажаната седница на барање на опозицијата, која во текот на вчерашниот ден воопшто не започна.

ФОТО: EPA_VALDRIN-XHEMAJ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...