Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Казахстан ќе одржи два концерти – во Алмати на 5 септември и во Астана на 7 септември. Гостувањето на Камерниот оркестар на МФ се остварува со логистичка поддршка на Амбасадата на Република Македонија во Астана и амбасадорот Илија Псалтиров, а по повод Денот на независноста на РМ – 8 Септември.
Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе го предводи македонскиот диригент, маестро Борјан Цанев, а како солист ќе настапи концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, истакнатата виолинистка Анна Кондратенко. На програмата ќе бидат изведени: „Дивертименто“ од Моцарт, свитата „Холберг“ од Григ, избор од двете дела „Четири годишни времиња“ од Вивалди и Пјацола, како и македонското дело „Капричо“ од Драган Шуплевски.
– Ми претставува чест и задоволство што со напорната работа во едногодишниот период и нашето внимание кон презентација на Македонската филхармонија надвор од границите на нашата држава, се разбира и како достоен репрезент на културата, да се претставиме за првпат во оваа земја Казахстан – вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.
– Исто така, среќен сум што го враќаме функционирањето на Камерниот оркестар на МФ на сцената. Тоа е навистина битен чекор напред, бидејќи од огромно значење за квалитетот на симфонискиот оркестар е функционирањето токму на Камерниот оркестар, како и на голем број на камерни состави коишто се оформени во овој период, а се исто така составени од членови од оркестарот. Инаку, концертите во Казахстан се реализираат со помош на амбасадата на Република Македонија во Астана преку своите партнери и поддржувачи, меѓу кои и почесниот конзул во Алмати, господинот Султан Мукшаев, со помош на нашите помагатели, фирмите „Спорт лајф’“ „Каптел“ и „Кнауф“, како и со сопствени средства на Македонската филхармонија – вели Илиески.