Во Музеј на град Скопје утре во 20 часот ќе биде отворена изложбата на дела од Александра Ацеска. Проектот се реализира по повод наградата „Борко Лазески“ која авторката ја доби во 2017 година.
Во договор со семејствота на Борко Лазески (кое на Музејот на град Скопје му ги подари картоните од овој уметник употребени за реализација на големата „Фреска за НОБ“ реализирана во аулата на Старата железничка станица во Скопје во 1958.) Музејот на град Скопје прифати секоја година да организира самостојна изложба на студент од Факултетот за ликовни уметности од Скопје кој во претходната учебна година ја освоил наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во сликарскиот оддел. Овојпат тоа е младата Александра Ацеска.
Проектот на Ацеска е комбинација на неколку инсталации и други ликовни остварувања кои заедно формираат опкружување или некој единствен простор во кој се презентирани двата основни концепта на презентацијата. Во првиот дел се презентира шишарката како еден од најстарите симболи на преодот или прагот кон некои поинакви димензии, состојби или вредносни модели а во вториот дел наидуваме на една сосема женска односно нежна и чуствителна работа со цртежот на хартија или на односно во вода. Тие можеби откриваат некаков сопствен пат кој Ацеска го исчекорува кон уметничките чинови разбрани како дејствија кои создаваат или оставаат траги чија кршлива, чуствителна минливост терба да биде воочена или доживеана како позиција и состојба која трае од митските времиња. Таа настојува во нејзиниот возбудлив проект да ги доближи крајностите: минливото и митското, чуствителното и епското.