Последните податоци од Државниот завод за статистика и Народната банка според кои во првото полугодие од годинава има рекорден влез на странски директни инвестиции од 327 милиони евра и е забележан засилен раст од 8,4 отсто на индустриското производство во јули во споредба со истиот месец од минатата година, е потврда дека економијата е поставена на стабилни основи и Планот за економски раст дава резултати, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Странските директни инвестиции во Македонија за првите шест месеци се 327 милиони евра и тоа е 218 отсто повеќе од просекот во последните три години и апсолутно најмногу во последните три години. Практично ова покажува дека трендот на инвестирање во индустријата во Македонија е забрзан и дека политиките на транспарентно поддржување на сите компании во земјава апсолутно даваат резултат – вели Анѓушев.
Податоците од Народната банка покажуваат дека за само шест месеци влезени се 327 милиони евра, што е за три пати повеќе во споредба со истиот период од минатата година кога нивото на инвестиции изнесуваше 105 милиони евра.
Во исто време, позитивните економски промени ги регистрира и Државниот завод за Статистика кој мери зголемување на индустриското производство и тоа за 8,4 отсто во јули споредбено со истиот месец од 2017 година. Освен што се зголемува индустриското производство, зголемен е и бројот на работници во индустријата и тоа за 7,2 отсто за истиот период.
Кон вкупниот економски раст свој инпут даде и работата на ТИРЗ, со растот на извозот од зоните. Во период од јануари до јули месец во 2018 година во споредба со истиот период лани, тој е зголемен за 17 отсто.