Македонија на Запад

Прекрасно би било сите, а најмногу луѓето на кои им ја доверивме власта, токму во овие предреферендумски денови, со своето однесување дома, првенствено со водење одговорни и реформски политики, а не со популизам и поведение кое потсетува на режимот што го урнавме, да покажеме какви ќе бидеме утре во Брисел, кога ќе бидеме земја полноправна членка на НАТО и на ЕУ.

2793

Во почетокот на ноември 2007 година, мојот колега Жарко Јорданоски, тогаш заменик уредник во дневниот весник „Шпиц“ (како и сега во „Слободен печат“), се огласи со една провокативна статија, во која предложи компромисно решение на спорот меѓу Македонија и Грција. Жаре предложи компромисно име. Беше тоа ерес. Внимавајте, во тие години нашата дипломатија сѐ уште глумеше преговори, убедена дека времето работи за нас и дека Македонија не треба ништо да прави, освен да „разговара“ за „проблемот што Грција ги има со нашето уставно име“. По тој напис се крена голема врева во медиумите и тоа за мене беше поттик да објавам серија од триесеттина написи, главно подолги статии, во кои ја бранев и ја развивав идејата за компромис.

„Тврдам – напишав на 5 ноември 2007 година – дека македонското име може да се одбрани, договор со Грција може да се постигне, во НАТО и во ЕУ може да се влезе. Може, но само ако политичката елита ја подготвува нацијата не за јадење корења туку за компромис, чија суштина ќе биде обострано прифатливо решение. Да бидам стопроцентно јасен: според мене, за Македонија прифатливо решение е име што ќе обезбеди недвосмислено препознавање на идентитетот на македонската нација во меѓународните институции. Повторувам, луѓето во Македонија мора да сфатат дека еден таков компромис е во интерес на европската иднина на Македонија“.

Се разбира, мојот став и моите идеи за решение на спорот за името еволуираа, се надоградуваа, понекогаш се комплицираа, се менуваа дури, но важно е што никогаш не ја напуштив минималната позиција: било каков договор со Грција мора да го обезбеди нашиот национален идентитет со неговите атрибути (името на јазикот и името на нацијата), а смислата на договорот мора да биде тој да гарантира европска иднина на Македонија, што ќе рече членство на земјата во НАТО и во ЕУ и конечно позиционирање на Македонија во она што на геополитичката мапа на светот веќе со децении се нарекува Запад.

Уште по првото објавување на неофицијалниот текст на договорот од Преспа, во грчките медиуми, го исчитав внимателно на англиски јазик и веднаш се огласив со оценката дека договорот е одличен – тој не само што ги зачувува атрибутите на нашиот национален идентитет, туку прави суштинска разлика меѓу нашето и грчкото поимање на придавката „македонски“ како идентитетски маркер. Би се осмелил да кажам дека ова второво е можеби најголемата вредност на договорот, бидејќи прецизно го дефинира нашиот словеномакедонски идентитет, сега и официјално прифатен од грчката страна, со што и формално-правно се става крај на оспорувањата и на недоразбирањата.

Нашата идентитетска приказна

Прашањето за идентитетот, всушност, беше фокусот на моите написи од 2007 и 2008 година. Имав мега аргумент, мој „кец од ракавот“, во полемиките со сите кои упорно тврдеа дека компромисот ќе го загрози нашиот идентитет: „Грција – пишував во февруари 2008 година, непосредно пред самитот на НАТО во Букурешт – која го оспорува името Македонија за да направи дистинкција од античка Македонија (на која смета дека има ‘авторско право’), не го оспорува идентитетот на македонската нација. Но, дури и да го прави тоа, како што тоа го прават кругови во Бугарија, на пример, таа дебата не ќе може да се смета за импактна и релевантна. Зошто? Затоа што никој, ама баш никој, ни во Грција ни во Бугарија ни каде било во светот, себеси не се нарекува Македонец. Македонци, македонски јазик, македонска култура, македонска црква и други елементи на македонскиот национален идентитет постојат и се негуваат само овде, во Македонија. Грците себеси не се нарекуваат Македонци! Бугарите сакаат ние да се нарекуваме Бугари, ама тие себеси не се нарекуваат Македонци! Никој нема намера и ниту може да ни ги оспори или да ни го преземе името македонско, без оглед какво ќе биде сложеното меѓународно име на нашата држава, што ние, се надевам, ќе го прифатиме“.

За жал, во таа 2008 година, не прифативме компромисно име. Наместо тоа, режимот на Никола Груевски продолжи со проектот на креирање нов, „античко-македонски“ идентитет. Во карикатуралните верзии на тој потфат, ако се сеќавате, доживеавме да бидеме нарекувани и Македоноиди, зачетници на белата раса. Околу 2.500 луѓе беа ангажирани да копаат ширум Македонија, во потрага по артефакти, кои ќе ја потврдат приказната дека сме директни наследници на Александар Велики.

„За разлика од нив (Македоноидите), ние, Македонците, не мораме да копаме – пишував тогаш. – Нашите храмови се над земја, тие се непроценливо богатство на кое му се восхитува целиот свет. Македоноидите немаат свој јазик. Привремено го користат нашиот, македонски јазик, додека не го дешифрираат својот антички јазик. Ние, Македонците, пак, се гордееме со својот јазик. Тој е едно од главните обележја на нашата самобитност, но истовремено и нашата најсуштествена врска со нашите братски, словенски народи. Македоноидите немаат своја уметност. Тие имаат некакви ДНК-анализи, неколку загадочни знаци на камења и многу желба од сето тоа да направат една егзотична приказна. Ние, Македонците, имаме цркви и манастири, живописи пред кои здивот запира, икони пред кои светот се поклонува, светски признато и познато дело на основоположинците на словенската писменост и култура, инспиративни дела на нашите преродбеници, признати творби на модерните автори и на нашите современици. Овде, на оваа земја, се зачнати никулците на старословенската писменост и духовност. Овде е создадено писмото што денес го употребуваат стотици милиони луѓе во светот. Ние, Македонците, сме горди на тоа богато наследство, но го споделуваме со сите словенски народи и со целиот свет, зашто веруваме во инклузивност, а не во ексклузивност. Како дел од екумената, ние полагаме право на духовното наследство на сите познати светски цивилизации, а тоа право се реализира со љубопитно трагање по духовни инспирации, со почит, со љубов и со пријателство“.

Време за матурирање

Да бидам искрен, нетрпелив сум во експликациите на вредностите на договорот од Преспа, што плебисцитарно треба да го верификуваме на 30 септември, да ги слушнам овие клучни аргументи, како најдобар одговор на запенавените националисти, на оние кои повторно сечат вени и на сите други вреваџии и насилници, на кои уште во март 2008 година им одговорив: „Нема да дозволиме македонската нација да стане нација карикатура, нација за адолесцентски споменари, нација за ‘уз пиво и кикирики’, нација за хоби по напорна работа, нација за дефрустрирање на нашите стечајни маки, нација кусур за луѓе со бугарски пасоши до срцето и со Македонија во него, нација која живее во митот, наместо во сегашноста. Македонија во НАТО и во ЕУ ќе матурира! Македонците ќе станат европска нација, нација што ќе умее со другите нации да ги споделува вредностите на модерната светска цивилизација – во економијата, во уметноста, во архитектурата, во јавниот живот и на сите полиња. Како таква, Македонија ќе стане и престижна политичка нација, која во себе успешно ќе ги обединува разните етникуми, а ќе биде и матица за духовно обединување на Македонците од целиот регион и од целиот свет. На своите соседи Македонија ќе им испорача искрено пријателство, респект и соработка, а не удбашки инсталации и приказни за ‘четирите волци’ со кои е опкружена. Така Македонија ќе стане вистински голема нација – нација со големо срце, со големи пријателства во светот, но пред сѐ во соседството“.

Многу од ова што го читате, напишано пред една деценија, а што и сега можеби звучи патетично, веќе се случи, се случува во моментов, а и допрва ќе се случува. Но, да се разбереме, не сум улав да помислам дека тоа е така поради моето преурането „кукурикање“ (за кое платив цена), поради моите „предвидувања“ (кои се често погрешни), или поради било што мое. Не сум до толку самозаљубен да мислам дека мојата силна волја и концентрација управуваат со процесите. Не, се случи нешто друго. Едноставно, на македонските политичари, опседнати со својата најголема страст – власта, им беше потребно време да созреат. Лесно е да се мудрува од позиција на човек кој не мора да им се додворува на избирачите (иако не е многу полесно да се биде битка за довербата на читателите). Јас можев да си ја дозволам комоцијата од која не се откажувам и денес – да критикувам, да бидам сомничав и скептичен, да провоцирам дури, бидејќи така, а не со апологија на власта, се раѓаат храбри, радикални, понекогаш дури и визонерски мисли. Политичарите имаат други императиви, кои им ги стеснуваат видиците. Чест на ретките исклучоци.

Конечно, да бидеме искрени, дури и на странците им беше потребно време да сфатат дека Никола Груевски не е човекот кого ќе можат да го убедат да постигне договори пред сѐ со Албанците во Македонија, а потоа и со Софија и со Атина, за да ја стабилизира земјата и да ги отстрани последните политички пречки за нашето приклонување кон Западот. Требаше да се случи пад на режимот, драматична политичка промена, една општествена катарза, за да се создадат елементарни претпоставки храбрите политички потези да добијат широка поддршка од неговото височество избирачот.

Внимание, скринингот е во тек!

Сепак, јас одново (дефетистички?) сакам да предупредам дека не сме дојдени до крајот на приказната. Референдумот на 30 септември бездруго ќе покаже дека поголем дел од избирачите го поддржуваат договорот со Грција, односно одлуката Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ под името „Република Северна Македонија“. Тоа е јасно. Поголем дел од граѓаните се свесни дека употребата на тоа ново име и во домашниот правен сообраќај, така како што предвидува договорот од Преспа, е висока, но неизбежна цена што ќе мора да се плати, за да успее процесот. И секако, нема дилеми и за тоа дека процесот ќе успее по секоја цена, бидејќи е дел од еден поширок план за пацификација на немирниот Балкански регион, план кој не предвидува Македонија да ја игра улогата на „лошото момче“.

Но… Убаво би било на 30 септември да имаме излезност на референдумот што и формално-право ќе ја потврди неговата успешност. Големиот Далај Лама вели: „Одговорноста не оди само со лидерите на нашите земји или со тие што се избрани или назначени да вршат одделни работи – таа оди со секој од нас индивидуално“. Значи, убаво би било на денот на референдумот да се обединиме во спремноста сами да ја преземеме одлуката за нашата иднина. Без оглед кој како ќе гласа. Јас, а веројатно и мнозинството, ќе гласаме „за“, но тоа не само што нема да ги понижи луѓето што не мислат како нас, туку ќе му даде нова вредност и на гласот „против“.

Убаво би било да се потрудиме дебатата овие денови да ја водиме на начин што ќе ја намали трагичната конфликтност во нашето општество. Прекрасно би било сите, а најмногу луѓето на кои им ја доверивме власта, токму во овие предреферендумски денови, со своето однесување дома, првенствено со водењето одговорни и реформски политики, а не со популизам и поведение кое потсетува на режимот што го урнавме, да покажеме какви ќе бидеме утре во Брисел, кога ќе бидеме земја полноправна членка на НАТО и на ЕУ, на маса а не под неа, со право на глас а не само со надеж за поддршка.

Се надевам дека сите сме свесни дека најважната фаза од скринингот на нашиот менталитет, на нашата способност да ги делиме вредностите на друштвото на нациите кон кое стремиме, се случува токму сега. А резултатите ќе ги видиме после референдумот. Не во фалбите, кои нема да изостанат ако референдумот успее, туку во оценките за нашите достигнувања во реформите. Референдумот е многу важен во серијата чекори што треба да ги исчекориме, но секако не е последниот. Нашата одлука на 30 септември може да биде бисер налик на охридски, но тоа нема да значи многу ако им се повладува на свињите кои одвај чекаат да го згазат и потоа да нѐ растргнат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...