Потребно е да се афирмира и законски поддржи моделот за поддршка на бизнисите „Бизнис ангели“, но и да се формираат официјални ризични фондови за да им се овозможи на идеите на младите луѓе кои немаат пари и финансиска историја да можат да развиваат бизниси. Ова беше речено на денешниот Форум кој се одржа во Стопанската комора.
Министерот Зоран Шапуриќ кој е организатор на форумот рече дека досега во земјава немало соодветна регулатива за овој вид инвестирање, но сега се прават напори да се изменат актуелните закони или да се донесат нови сѐ со цел и овој сегмент на инвестирање да заживее.
– Планираме во наредниот период да ги согледаме сите потреби за измени или донесување нови закони во сите институции по што ќе се формира работна група која ќе работи на подготовка на регулативата – рече Шапуриќ.
Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, развојот на инвестирањето преку „Бизнис ангелите“ ќе ја пополни празнината создадена во поддршката на бизнисите во земјава каде што најмалите бизниси и стараповите малку ги има.
– Најголем дел од идеите на младите и иновативните луѓе досега во земјата не се реализирале од причина што тие немаат ниту пари, ниту пак хипотека и историја кои би им гарантирале да земат пари од банките, а досега не е востановена ни активноста на „биснис ангелите“. Со реализацијата на оваа активност ќе се овозможи младите луѓе да ги реализираат своите идеи. Тоа ќе се постигне со подготвока на соодветната регулатива – рече Анѓушев.
Тој изјави дека лично ќе партиципира во реализацијата и ги повика другите бизнисмени да се вклучат во иницијативата.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити повика да се афирмира концептот на ризичен капитал каков што е инвестирањето на „бизнис ангелите“.
– Покрај инвестирањето преку „биснис ангели“ кое е добро за малите бизниси, да се формираат и официјални државни ризични фондови кои покрај помош за бизнисите би знечеле подготовка за нивно менаџирање – рече Фити.
Тој говореше за светските искуства кои би имале добри резултати и во земјава која спаѓа во редот на оние во кои скоро и да не е развиен системот на ризично инвестирање.
Стопанските здруженија пак бараат начини како да извлечат што поголем дел од парите кои ги поседуваат банките.
– Наша цел е да ги отвориме сите механизми и алатки за да им овозможиме на бизнисите побрзо да се развиваат.Оние 4,6 милијарди денари заштеди на граѓаните и дополнително 1,2 милијарди денари на стопанството треба да ги ставиме во функција – рече Азески.
Само во САД преку „бизнис ангелите “ се инвестирани над 50 милијади долари, но се проценува дека износот е неколкупати поголем, бидејќи богатите бизнисмени овие инвестиции не ги обзнануваат.