Членовите на Советот на општина Косовска Митровица, на предлог на советничката група на Српската листа, одлучија една улица во северниот дел на овој косовски град да го носи името на убиениот лидер на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП) Оливер Ивановиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објавија синоќа локалните медиуми, името на покојниот лидер на СДП ќе го носи улицата која досега се викаше „Немањина“.
Ивановиќ беше убиен на 16 јануари годинава пред седиштето на неговата партија во Косовска Митровица, а истрагата се уште нема објавено речиси никакви информации за сторителите и мотивите за убиството.
По убиството, партиските колеги и приврзаници на Ивановиќ покренаа петиција за именување на една улица во Митровица со неговото име.
Фото: EPA/Djordje Savic