Ќе се редефинира категоријата ранливи потрошувачи на електрична енергија, најавија денеска од Регулаторната комисија за енергетика.
Оваа категорија на потрошувачи со новите правила за снабдување со електрична енергија, што ќе важат од 1 јануари идната година, нема да може да биде исклучена од електричната енергија во зимскиот период.
– Очекувам да биде зголемен опфатот на категоријата ранливи потрошувачи на кои нема да може да им се исклучува електричната енергија во зимскиот париод. Покрај стандардните потрошувачи кои примаат социјална помош во оваа категорија ќе треба да влезат и потрошувачи кои имаат проблем со плаќањето на сметките за електрична енергија – изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој истакна дека моментално на регулираниот пазар на електрична енергија процентот на наплата на сметките за потрошена електрична енергија изнесува околу 93 отсто.
За останатите потрошувачи, додаде, ќе продолжи да важи одредбата да може да им се исклучи електричната енергија доколку не го подмириле својот долг, но по добивање на известување за заостанат долг заедно со сметката.
– Со новите мрежни правила за дистрибуција за 15 до 20 проценти ќе биде намален надоместокот за повторно вклучување во мрежата на исклучените потрошувачи поради неплаќање на сметките. Во овој момент во правилата за снабдување со електрична енергија не е јасно наведено дали ќе остане одредбата исклучувањето да биде за една неплатена сметка. Сакаме да ги слушнеме и снабдувачите што имаат да кажат, имајќи го во предвид нивното искуство на слободниот пазар – појасни Бислимовски.
Според сознанијата на РКЕ, како што кажа, на слободниот пазар во моментов нема некои поголеми проблеми околу неплаќањето на сметките на електрична енергија и бројот на неплаќачи може да се мери во промили.
Претседателот на РКЕ посочи дека во соработка со УСАУИД се изработува веб-калкулатор на кој потрошувачите ќе можат да проверат колку приближно ќе треба да платат за потрошената електрична енергија доколку излезат на слободниот пазар. Секој од снабдувачите со електрична енергија ќе мора да даде податоци колку изнесува неговата конкретна цена за електрична енергија за домаќинство за да можат домаќинствата да пресметаат колку ќе треба да платат за купување и дистрибуција на струјата.