Новата национална анкета во Македонија, спроведена од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), освен што открива високи нивоа на оптимизам и поддршка за членство во ЕУ и во НАТО пред референдумот на 30 септември, дава и вистински насоки за кампањата која може да резултира со излезност повисока од 50 проценти, за референдумот и формално-правно да успее.
Податокот дека 57 отсто од испитаниците го поддржуваат предлогот Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО под новото име „Република Северна Македонија“ (37 отсто целосно и 20 отсто делумно) охрабрува. Поддршката за членство во ЕУ и НАТО продолжува да расте (83 отсто), но тоа и не е драматично изненадување. Да, шестпроцентното зголемување на поддршката во однос на август 2017 година е одличен скор, но факт е дека во Македонија никогаш не недостасувала исклучително висока поткрепа за евро-атлантските интеграции дури и во најмрачниот период на антиевропскиот режим на Груевски.
Најважно е аналитичарите сега да се фокусираат на причините поради кои расте решеноста на македонските граѓани да гласаат „за“. Анкетата јасно покажува дека „моторот“ на промените, всушност, се очекуваните придобивки од членството во ЕУ и во НАТО. Едноставно, постои тренд на оптимизам дека ќе се засили националната стабилност, ќе се отворат перспективи за економски развој и генерално, дека државата конечно ќе се придвижи во позитивна насока.
Овие податоци од анкетата на ИРИ недвомислено покажуваат дека кампањата за референдумот мора да биде позитивна и бездруго фокусирана на засилување на надежите на нацијата. Кампањата треба да биде ослободена од непотребниот шум на конфликтноста. Со креативни пораки треба да се нагласат најсилните страни на договорот со Грција (зачуваните атрибути на нашиот национален идентитет), а со прецизни квантификации реалните перспективи за напредок во повеќе области на економијата и на општествениот стандард.
Верувам дека кампањата веќе е дизајнирана и се надевам дека е таква каква што треба да биде. А сè уште има време и за фино подесување на „нишанските“ справи.