Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува објавувањето на книгата „Свесно мајчинство“ од хрватската авторка и мотивациска говорничка Нада Бучевиќ, која од денеска ќе се продава во книжарниците на „Антолог“ во Центар и во Дебар Маало и во електронската книжарница на antolog.mk.
Преводот на македонски е на Ирена Трајкова.
Бременоста и мајчинството може да бидат совршен момент за вашиот личен развој! Бременоста не е физички процес. Доколку правилно се доживее, може да стане извонредно духовно искуство. Иницијација на будноста и на свеста. Тоа е вистинското време да почнеме на животот да гледаме однатре. Нашиот внатрешен свет е оној што го креира нашиот надворешен свет. Тоа спознание ги менува од темел сите наши досегашни верувања. Има ли подобар повик од внатрешниот повик што ни го испраќа нашето бебе?
„Ви го пишувам сето она што и самата посакував да го знам за бременоста и за првите денови од мајчинството, но, за жал, таква книга тогаш не постоеше. Токму спротивното, книгите на кои наидував би можеле да се наречат Сè што може да тргне погрешно во бременоста. Како да немаме веќе доволно стравови, па треба да ни ги сервираат и оние што сè уште не ни паднале на памет. Другиот вид книги на кои наидував беа како медицински прирачник. Некако стерилни и далеку од вистинското искуство на мајчинството.
Барав книга што би го опишала вистинското искуство на жената од нејзиниот внатрешен свет. Барав книга што не ги храни моите стравови, туку ги трансформира во она искуство поради кое бременоста и се нарекува блажена состојба. Не ја најдов. Затоа сега ја пишувам. Сакам оваа книга да ви служи во таа насока – вели Нада Бучевиќ.
Нада Бучевиќ е родена во 1978 година во Сплит, Хрватска. Професорка е по кинезиологија и заедно со својата сестра Ана ја има започнато програмата за воспитување „Сафари на духот“, која го акцентира себевоспитувањето кај родителите како прв чекор при правилното воспитување на децата.
„Пишувањето, заедно со децата и знаењето, е мојата најголема љубов, поради што денес по струка сум професорка и авторка на приказни за будење на мудроста. Својата ќерка уште од раѓање ја подучувам на животните мудрости од приказните и на животните вредности што ги сметам за основни. Поради тоа, денес имам пресреќна ќерка, која живее и дава љубов, омилена е меѓу другарчињата и верува дека може да биде сè што ќе посака. Животот го сметам за подарок, а она што ќе го направиме од него го сметам за наш подарок на животот – вели за себе таа.