Отворена прва фабрика за производство на пелети „Еколајф“ во Гиновце ВИДЕО

Станува збор за домашна инвестиција во вкупна вредност од три милиона евра, на компанијата „Голден арт“, на Роберт и Ивица Јакимовски.

2384

Првата домашна фабрика за производство на пелети „Еколајф“, што ќе работи по највисоки европски стандарди, со најсовремена опрема за производство на енергенс за затоплување од обновливи извори на енергија, денеска официјално е пуштена во употреба.

Станува збор за домашна инвестиција во вкупна вредност од три милиона евра, на компанијата „Голден арт“, на Роберт и Ивица Јакимовски.

– Во време кога природата ни праќа јасни сигнали за нејзината загрозеност, за загаденоста на воздухот, повеќе од потребно е да се фокусираме на обезбедување здрава и чиста животна средина. Радува фактот што оваа фабрика ќе даде нова димензија на еко-свеста во Македонија, преку производство на еколошки производи. Оваа домашна инвестиција нека мотивира и поттикне многу домашни инвеститори да ги следат храбрите чекори на сопствениците на „Еколајф“ – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Николовски кажа дека МЗШВ, „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитени подрачја праќаат силно охрабрување за развој на производството во насока на снабдување со соодветна сировина на субјектите кои ќе произведуваат енергија од обновливи извори.

– Владата не ги дели инвеститорите на домашни и странски, туку силно ги поддржува сите кои создаваат економски раст со нови вработувања – додаде Николовски.

Прв од палетата производи e „EkoLife Pellet“.

– Технолошкиот процес е инсталиран со најсовремена и модерна техночогија со управување на еден човек во една смена. Почетниот број на директни вработени во компанијата е 40, а во идните месеци се очекува бројката да се искачи на 100. Покрај директните вработувања, „EkoLife“ ќе придонесе за значаен економски развој на територијата на општина Ранковце, Крива Паланка, и целата држава преку дополнителните вработувања во делот на добавувачи на репроматеријали. Покрај пелети, „Еколајф“ ќе понуди и печки и камини, со преку 96 отсто согорување, не загадувајќи ја средината и економски се најисплатливи за греење – истакна Ивица Јакимовски, еден од сопствениците на „Еколајф“.

Фабриката ќе работи со капацитет до три тона на час и веќе поседува неколку сертификати: сертификат за систем за управување со квалитет EN ISO 9001:2015; систем за управување со животна средина EN ISO 14001:2015 и сертификат FSC® Chain-of-Custody – C142648. Во постапка е добивањето на сертификатот EN Plus.

– Фабриката не случајно е изградена овде, во моето и родното место и на моите родители, а голем дел од вработените се мои пријатели, соседи. Највредниот дел е еколошкиот сегмент, со примена на највисоки стандарди, без загадување, а радува тоа што овој крај ќе заживее економски и ќе влијае поволно на економијата на двете општини, Ранковце и Крива Паланка – изјави сопственикот Роберт Јакимовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...