Тачи им вети на мајките од Ѓаковица дека злосторниците никогаш нема да се вратат во Косово

242

Косовскиот претседател Хашим Тачи им изрази поддршка на мајките од Ѓаковица во нивните барања за правда за убиените во војната од 1998-99, порачувајќи им дека „тоа што го доживеаја косовските граѓани нема да биде заборавено“ и дека сторителите на злосторства никогаш нема да се вратат во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во одговорот на отвореното писмо на Здружението на мајките од Ѓаковица, кои побараа од него да ги спречи српските верници да дојдат на чествување на Голема Богородица во тамошниот манастир, Тачи напиша на Фејсбук дека сочувствува со болката на мајките кои ги загубија своите најмили.

„Ги уверувам нив и сите косовски мајки, како и сите граѓани на Косово, дека злосторниците и убијците кои извршија злосторства, никогаш не ќе можат да се вратат во нашата земја. Каде и да се, тие нема да бидат мирни, се додека не поднесат сметка пред правдата. Ние никогаш нема да заборавиме што сме доживеале“, напиша Тачи.

Косовскиот претседател во истата порака побара од сонародниците да бидат толерантни и да имаат разбирање, но додаде и дека ќе ги разбере доколку постапат поинаку.

„Со најголема почит Ве повикувам на толеранција и разбирање. Но, и доколку постапите поинаку еднакво ве разбирам и почитувам. Мајката е мајка секаде во светот, независно од етничката или верската припадност. Таа им потреба да пушти солзи и да положи цвеќе на гробот на својот син, ќерка, сопруг, сестра, внук или внука. Истото право го има и еден татко, брат или сестра“, напиша Тачи.

Претходно, во одговор на отворено писмо на срската хуманистка Наташа Кандиќ, косовскиот претседател порача дека ќе стори се за да им се овозможи на Србите да го посетат манастирот во Ѓаковица.

Во Ѓаковица денеска, под силно полициско обезбедување, се одржува протест против доаѓањето на иселените Срби на чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во локалниот манастир

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...