Киро Глигоров беше бенефит и привилегија на Република Македонија, лидер со лична филозофија упатена кон доброто на човекот и просперитетот на нацијата, придобивки остварливи само преку стабилност и безбедност на земјата, преку ингеграцијата на Македонија во светските трговски, економски, финансиски и политички процеси. Сето тоа од него правеше човек кој гледаше преку две планини, лидерство какво што и е потребно на Република Македонија и денес.
Oва беше посочено на вечерашната промоција на Зборникот „За и од Киро Глигоров“ во Охрид, во рамки на активностите што во рамки на годинешната научна и уметничка визита МАНУ ги спроведува за одбележување на 25 годишнината од зачленувањето на Република Македонија во Организацијата на Обединетите нации.
– Глигоров прифати компромис за прием на Македонија во ОН, затоа што знаеше дека тоа ќе донесе членство на земјата во Светската банка, ММФ, широко меѓународно признавање. Такво лидерство ни треба и ќе бидам слободен да речам дека Глигоров треба да се препрочитува, се она што тој го има кажано за најважните, за суштествените прашања на животот и развојот на Република Македонија. Уште повеќе, кај него можат да се најдат одговори на многу битни прашања за иднината и просперитетот на земјата, рече во обраќањето пред присутните Ахил Тунтев, еден од најблиските соработници и прв советник на Глигоров.
Амбасадорот Виктор Габер во оваа прилика зборуваше за меѓународната димензија на етаблирањето на Република Македонија на светската политичка сцена.
– Тоа беа околности во кои геополитиката се прекршуваше и на планот на нашето устоличивање како самостоен меѓународен субјект. Стекнатите позиции на пазарот на политички интереси во светот не беа поволни за експресија на беневалентноста на мирољубивата македонска политичка елита, која немаше други средства, економски и воени, да се наметнува и да се пазари за поинаков расплет на нејзината желба да биде еднаква меѓу еднаквите во светската организација, рече Габер, притоа нагласувајќи дека тие негови зборови не се барање за оправдување на активностите на тогашното македонско раководство, туку како повод за, како што рече „нужно освествување на сите нас дека домашната сметка не излегува на пазарот“.
Амбасадорот посочи на балканските искуствата кои покажуваат дека и денес најтешко се надминува фазата на впивање на смислата за консензус во меѓународните односи, смисла која во себе перманентно го носи „црвот“ на оптеретувањето за опстанок на политичките елити на домашната политичка сцена.
– За бескрвното осамостојување на Македонија огромен влог беше во вешто изведената надворешна политика на македонското раководство на чие чело девет години неприкосновено стоеше Глигоров. Токму тој со своето државничко искуство го носеше товарот на сознанието за немилосрдноста на геополитиката кон оние што немаат моќ, рече меѓу другото Габер.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, во оваа прилика забележа дека Македонија од нејзиното зачленување во Обединетите нации мина тешки транзициски 25 години, со економски проблеми и релативно ниски стапки на раст, како и предизвици од некономска природа, кои исто така влијаеа и врз економскиот, а оттаму и на севкупниот развој на државата.
– Глигоров спаѓа во редот на најмаркантните личности од поновата историја на Македонија. Токму тој успеа да се избори Македонија да се осамостои по мирен пат, дури и да ги заврши успешно преговорите со поранешната ЈНА и на тој начин да го да го оствари својот вековен сон за самостојна независна држава, рече Фити, притоа нагласувајќи ја не само политичката улога како сојузен државен политички функционер туку и неговите стручни, високопрофесионални знаења, умеења, вештини во областа на економијата.
Академик Фити потсети дека трудовите на Глигоров биле високовреднувани кај научната фела, објавувани во најпрестижните економски списанија на поранешната Југославија, како теоретичар кој одлично ги познавал економските текови, уште повеќе како доследен почитувач на неколку константи – правилен однос кон пазарните економски законитости, внесување економски поттици во стопанскиот систем, изнаоѓање оптимален однос меѓу дејствувањето на пазарните законитости и улогата на власта во корекцијата на неуспесите на развојните планови.
Фити појасни преку издавањето на зборникот „За и од Киро Глигоров“ Академијата се обидува да му се оддолжи на претседателот Глигоров за неговиот придонес во процесот на осамостојувањето на Република Македонија, во тој исклучително тежок, турбулентен, невралгичен период на распадот на поранешната државна заедница.
– Оваа книга ќе послужи за проучување на неговото дело и во економската сфера, како четиво што ја обработува економската историја на Македонија, проблематика за која многу малку се знае и познава, рече Фити