Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка.
„На овој начин ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти. Одлуката ќе биде донесена на следната владина седница. Освен оваа дополнителна субвенција, со цел создавање на рентабилно производство, Владата ќе обезбеди финансиски средства за Здружението на лозари, за да можат да обезбедат дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, а се со цел да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од страна на винариите“, соопшти Владата.
Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм.
Констатирано е дека кај винарската визба Тиквеш има разлики во ланскиот и годинешниот ценовник за мерење на шеќерни единици. Кај сортите кои се произведуваат во помали количини како темјаника, ризлинг, шардоне и други, зголемувањето на цената е за 30 отсто, од што лозарите се задоволни, се вели во владиното соопштение.