За новоизградените станови останува повластената стапка на ДДВ од пет проценти. Денеска предлог измените на законот за изменување на Законот за додадена вредност влегоа во собраниска процедура и добија поддршка на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
– Со Предлогот на Законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност се врши пролонгирање на рокот и тоа до 31 декември 2023 година, за примената на повластена даночна стапка од пет отсто на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој истите се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата -рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Основна причина за измената на Законот за данокот на додадена вредност е да се излезе во пресрет на граѓаните, за поддршка за градежниот сектор, како и другите стопански гранки директно поврзани со градежништвото. Oва ќе има директно позитивно влијание врз домашната економија.
Поддршка на измените дадоа и членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поздравија измените и оценија дека тие се од корист и на граѓаните и на стопанството.
– Законот не остава ни минимален простор за неприфаќање. Периодот до 2023 година е задоволителен, а неговата цел е навистина во функција и на граѓаните и на стопанството – истакна Мицевски.
И неговиот сопартиец Драган Цуклев истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддрши измените.
– Законот беше донесен во 2011 година од претходната влада во рамки на проширувањето на опфатот со повластена стапка на ДДВ – рече Цуклев.
Додавајќи дека тоа беше добро што доведе до зголемување на градежната активност и можност младите да го решат станбеното прашање. Тој порача Владата да поработи на поголема понуда на станбени единици, имајќи ги предвид податоците дека се издаваат се помалку одобренија за градба.