Коѕијас во посета на Кина

43

Средби со неговиот кинески колега, со заменик претседателот на Кина, со шефот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, како и со бизнисмени и претседателот на Коско, ќе има министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, при неговата тридневна посета на Пекинг и Шангај од 27 до 29 август.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија во текот на утрешниот ден ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји.

Разговорите ќе се фокусираат на дополнително зајакнување на билатералните односи, а во фокусот ќе биде економската соработка на повеќе нивоа, во рамките на кинеската иницијатива „Еден живот/еден пат“ (OBOR). Исто така ќе се разговара и за теми од меѓународен и регионален интерес, со акцентот на случувањата во поширокиот регион на Источниот Медитеран, како и во кипарското прашање, соопштуваат од грчкото МНР.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Коѕијас на неговиот кинески колега ќе му ги презентира и иницијативите на Грција за „стабилизација на Западен Балкан“.

Министерот за надворешни работи на Грција ќе има средби и со заменик претседателот на Кина, со шефот на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, а ќе одржи и говор на Кинеската академија за општествени науки.

Последниот ден од посетата, од Пекинг, шефот на грчката дипломатија ќе замине за Шангај, каде што ќе одржи низа средби со локални функционери, бизнисмени, со претседателот на „Коско“ (компанијата што ги има мнозинството акции на најголемото грчко пристаниште Пиреас) и со раководството на Институтот за меѓународни студии.

Според грчката новинска агенција, ова е четврта посета на Коѕијас на Кина во функција на министер за надворешни работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...