Американската одлука да се укине помошта вредна повеќе од 200 милиони долари, значи дека САД сакаат да ги принудат Палестинците да се откажат од своите претензии кон Ерусалим, изјави портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рдене.
– Таквиот чекор на САД е само продолжување на политичките и финансиски притисоци врз палестинското раководство – истакна портпаролот на Абас.
Рдене нагласи дека Американците мораат да бидат свесни дека нема да има мир без Источен Ерусалим како „престолнина на палестинската држава“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја укинува помошта од 200 милиони долари, првично наменета за Палестинците, и дека средствата ќе ги пренамени за „проекти со поголем приоритет“.
Палестинците се налутија поради одлуката на Трамп да го признае Ерусалим како израелска престолнина, како и поради преселувањето во мај на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим.