Турската полиција уапси над 20 лица и употреби солзавец со цел да растера десетици луѓе, кои не ја почитувале забраната за организирање протести во Истанбул, пишува опозицискиот весник „Џумхуриет“.
Семејствата на исчезнати луѓе во Турција, група позната како „Саботни мајки“, се собираат секоја сабота од мај 1995 година на бдеење во квартот Бејоглу во Истанбул. За денеска беше закажан 700-от собир на групата.
Мајки и роднини на исчезнатите рано изутринава тргнаа кон Галатасарај, држејќи во рацете фотографии од исчезнатите. Некои пратеници на главната опозициска Народно републиканска партија и прокурдската Демократска партија на народите, исто така, се приклучија на протестите.
Локалните власти во квартот Бејоглу оваа недела го забранија бдеењето, нагласувајќи дека нема официјална дозвола и оти организаторите се поврзани со терористички организации. Според властите, протестот бил организиран од „корисници на социјалните мрежи, спонзорирани од Курдската работничка партија“.
Полицијата го блокира реонот, кој води до Галатасарај, поставувајќи воден топ и ги растера демонстрантите, кои извикуваа „Долу фашизмот“.