Една од најпопуларните светски серии „Бубалици“ (The Big Bang Theory) престанува да се снима по 12 сезони. Оваа информација ја потврдија телевизијата Си-би-ес и продуцентската куќа „Варнер брос“ кои стојат зад ова остварување.
Како што шпекулираат светските медиуми, до оваа одлука наводно дошло откако Џим Парсон, еден од главните актери во серијата, решил да си замине.
„Бубалици“ започна да се емитува во 2007 година, а со текот на времето стана исклучително популарна и успешна серија, со освоени четири награди „Еми“ и еден Златен глобус.
Главните ѕвезди на серијата профитирале од ова остварување, пред сè, финансиски. Имено, Џим Парсонс (кој го толкува ликот на Шелдон), Џони Галецки (кој го толкува ликот на Ленард), Кeјли Куоко (која го толкува ликот на Пени), Кунал Најар (кој се појавува во улога на Раџеш) и Сајмон Хелберг (кој го толкува ликот на Хауард), заработувале и по милион долари по епизода.
Последната, 12-та сезона на „Бубалици“ ќе биде прикажана во 2019 година.