Зголемување на инвестициите и раст на целокупната економија, се клучните поволности и директните резултати од мерките за економски раст. Во емисијата „Анализа“ на Телевизија 24, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев го образложи предлог законот за финансиска поддршка за домашните и странските компании и пакет мерките за малите и средни бизниси.
Суштината на овој закон е, тие што вработиле и што реално вработуваат и се борат на пазарот сега ќе бидат помогнати и тоа ќе доведе до економски раст.
– Сите мерки и целата програма е ставена на два дела, една е законот каде што се третирани сите компании и се поддржувани успешните, а втората е програмата преку фондот за иновативност каде што е охрабрувањето за сите млади претприемачи кои имаа идеи да останат во државата, кои ќе бидат силно поддржани – објасни Анѓушев.
Наспроти недовербата дали државната помош се однесува и на малите, средните и микро претпријатија, Анѓушев образложи:
– Ако сите во Законот добиваат 10 отсто поврат на инвестиции, за малите и брзорастечка компании повратот на инвестиции за првпат е 30 отсто. Со 30 отсто поврат на инвестиција ќе бидат поддржани сите што се микро, мало или средно претпријатие а инвестираат во хали, во капацитети, или за купување машини. Како втора мерка за мало, средно или микро претпријатие коешто воведува нов производ е државна помош од 70 отсто за креирањето на овој производ. Владата ќе помогне со 70 отсто од сите трошоците за создавање на овој производ.
Една од најатрактивните мерки и за која веќе постојат позитивни практики во светот е третата мерка за малите, средните и микро претпријатија – формирањето на еквити фонд, рече вицепремиерот.
– Фирма која што има добра идеја, а притоа нема средства да го расте своето мало, микро или средно претпријатие, државата ќе ја помогне со влез во сопствеништвото, односно ќе влезе со 25 отсто во сопственоста на претпријатието: Притоа, сопственикот останува сопственик и ќе добие свеж капитал, а државата ќе го преземе ризикот. Целта е претпријатијата да растат, да делат дивиденда и тие пари да циркулираат – ја појасни мерката потпретседателот на Владата за економски прашања.
Сите овие мерки ќе бидат спроведени во согласност со Законот за државна помош кој што е усогласен со ЕУ.
– Закон се носи за сите инвеститори да имаат правна сигурност, а тоа овој предлог закон го овозможува, сигурност и еднаквост за сите компании, домашни и странски -појасни Анѓушев.
Според мерките за економски раст, рече тој, не постои разлика дали компанијата е во ТИРЗ или не е, единствена разлика е дали е гринфилд инвестиција или не е.
– Секоја компанијата што е гринфилд, без разлика дали е надвор или внатре во ТИРЗ, добива исти поволности, а тоа се десет години ослободување од персонален данок и ослободување од данок од добивка. Нема разлика ни меѓу странски или домашни компании – прецизираше Анѓушев.
Со мерките за економски раст може да бидат опфатени приближно десетици илјади компании, доколку ги исполнуваат условите и критериуми, а Владата има предвидено во фондот за мерките за економски раст приближно 50 милиони евра на годишно ниво.