Влада: МЕР да продолжи со изградбата на гасоводот низ Водно

225

МЕР АД Скопје да продолжи со изградбата на Магистралниот гасовод Делница 5 (Скопје-Тетово-Гостивар) кај потегот на Водно согласно новите мерки и измени, и да склучи договор за регулирање на односите за оштетени зелени површини со Град Скопје како договорна страна, одлучи Владата на денешната седница.

За таа цел се направени измени на проектната документација за изградба на гасоводот низ Парк шумата Водно со што од 3.000 на 1.400 метри кубни е намалена количината на дрвја што треба да бидат исечени, намалена е широчината на трасата од 25 на 10 метри, а нејзината должина низ Парк шумата Водно е скратена за четири километри. МЕР доби насоки да го врати во првобитна состојба земјиштето по завршувањето на работите и да му додели на Град Скопје 43 милиони денари за пошумување на Водно.

Воедно Министерството за животна средина и просторно планирање доби задолжение во рок од 30 дена да подготви и до Владата да достави предлози на закони за прогласување на парк шумите Водно, Матка и Гази Баба за заштитени подрачја.

Владата му препорача на Град Скопје, во соработка со надлежните институции, во рок од 30 дена да изготви проект за зелени појаси на реките Лепенец и Серава, а Министерството за животна средина и просторно планирање да го помогне Град Скопје во реализација на проектите за зелени појаси на реките Лепенец и Серава и за рекултивација и пошумување согласно предлозите од граѓанските здруженија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...