Стопанска комора: Да престанат јавните прозивки на фирмите на Анѓушев во политички контекст

Стопанската комора на Македонија останува на ставот за доследно почитување на применливата законска регулатива, и доколку постојат, сите можни сомневања во однос на постоење/непостоење на конфликт на интереси треба да бидат изнесени пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување.

635

По низата прозивки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и јавноста на компании кои се поврзани со јавни функционери и посебно кои се поврзани со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се огласи Стопанската комора на Макeдонија која беше иницијатор претставник на бизнисот да биде член на Владата. Од оваа Комора произлезе и предлогот Анѓушев да биде претставник на бизнис заедницата во Владата.

Го пренесуваме соопштението со ставот на Стопанската комора во целост:

„Стопанската комора на Македонија, како најголема и најзначајна бизнис асоцијација во земјата, која претставува компании кои учествуваат со над 90 отсто во индустријата на Република Македонија, во вкупниот број вработени во стопанството во државата, и во надворешно-трговската размена на државата, оценува дека е потребно во овој момент да потенцира определени ставови кои се од значење за креирањето на економската политика во Република Македонија.

1. Иницијативата на мандатарот за состав на Владата на Република Македонија, господин Зоран Заев, за воведување на практиката функцијата заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори да биде понудена на бизнис заедницата ја оценивме како многу добра, но мора да нагласиме дека и тогаш се водеше конструктивна дебата во рамките на Комората околу можниот судир на надлежностите на носителот на таа функција, бидејќи однапред беше јасно дека околу тоа прашање ќе има различни толкувања. Во таква ситуација Стопанската комора на Македонија се одлучи да предложи најдобро персонално решение кое потекнува директно од производна и извозна компанија, во согласност со програмските определби и стратешките документи усвоени од страна на Комората. Едногласно беше утврдено дека тоа ќе биде проф. д-р Кочо Анѓушев, со оглед на фактот дека барањата на Комората од новата Влада беа целосна промена на концептот на економски развој, во насока на спроведување на процесот на реиндустријализација и унапредување на извозните потенцијали на македонската економија, со максимална поддршка на успешните компании. При тоа, се имаа предвид неговата стручност, професионалност, реализираните резултати во приватниот сектор изразени преку растот на компаниите во кои беше сопственик/управител, но и неговата доследна посветеност на целите на коморското организирање и работење во Република Македонија, одразено преку неговиот активен ангажман во органите и телата на Стопанската комора на Македонија, како и посветеноста кон подобрувањето на состојбите во македонската економија.

2. Стопанската комора на Македонија дава целосна поддршка на активностите на Владата на Република Македонија, кои треба да придонесат за зголемување на домашните и странските инвестиции, пораст на вработеноста, зголемување на продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната поврзаност, пораст на БДП, забрзување на економскиот раст, кои во крајна линија треба да овозможат и подобар животен стандард во земјата.

3. За постигнување на овие цели, сметаме дека е потребно да се престане со практиката на јавни прозивки на компаниите во политички контекст и изнесување на паушални констатации, кои нанесуваат штета на угледот на компаниите. Компаниите треба да се оценуваат единствено преку критериумите на квалитетот на нивните производи и конкурентноста на понудените цени.

4. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија останува на ставот за доследно почитување на применливата законска регулатива, и доколку постојат, сите можни сомневања во однос на постоење/непостоење конфликт на интереси треба да бидат изнесени пред надлежните државни органи, со цел да бидат спроведени сите потребни дејствија во насока на нивно расчистување.

5. Стопанската комора на Македонија оценува дека д-р Анѓушев е еден од најактивните членови на Владата на Република Македонија, кој што со својот ентузијазам, упорност и иницијативност дејствува во рамките на нашите очекувања за спроведување на неопходните чекори за промена на концептот на економски развој.“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...