Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги сослуша забелешките на компаниите за најавената јавна набавка на Министерството за одбрана за неборбени моторни возила и на инжeнериски машини за потребите на министерството.
По средбата министерката рече дека компаниите биле запознаени за јавната набавка која, како што рече, ќе го зголеми капацитетот на министерството и Армијата и до крајот на месецот, економските оператори, што ќе учествуваат на тендерот, ќе имаат можност да ги дадат своите забелешки.
-Техничкиот дијалог не го водиме про форма и ги охрабривме компаниите, ако имаат забелешки да ги достават, бидејќи навистина ќе бидат земени предвид. Сакаме да обезбедиме чесна, транспарентна и многу конкурентна постапка која ќе им даде шанса на најдобрите да победат, а Министерството за одбрана да ја добие подобрата опрема по подобри цени – појасни Шекеринска.
Средбата позитивно беше оценета и од Стопанската комора на Македонија во однос на, како што истакнаа, задоволување на задолжителната обврска за консултација пред спроведување на јавна набавка.
Директорката во Стопанската комора на Македонија Билјана Пеева-Ѓуриќ појасни дека преку овој технички дијалог компаниите ќе можат да дадат забелешки каде конкретно и детално ќе се прецизира што треба да се потготви во документацијата за спроведување на квалитетна набавка.
-Нашата идеа е на ваков начин што поголем број на економски оператори да пројават интерес и да учествуваат во овие тендери на Министерството за одбрана – истакна Пеева.
Договорите кои ќе бидат склучени за овие две јавни набавки ќе бидат за период од три години и се соддржани во Планот за јавни набавки за оваа година.