Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти тврди дека намерата на претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, е да го „боснизираат“ Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Овој свој план, како што напиша Курти на Фејсбук, двајцата претседатели ќе се обидат да го спроведат со формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население (ЗСО).
– Боснизацијата не беше реализирана со директно искажана намера, туку со барањето за поделба на Босна или размена на територии меѓу Србија и Хрватска. НАТО извлече поука од војната во Босна и интервенира во Косово против Југославија на (Слободан) Милошевиќ. Ние треба да изведеме поука од босанскиот мир и да интервенираме против „Заједницата“ на Тачи и Вучиќ, напиша лидерот на опозициската ВВ.