Не знам што ми требаше цел викенд да се расправам за теми какви што се регулација на медиумите, смислата на јавните фондови во секторот и слични прашања, кои Владата нема ни волја, а очигледно ни знаење, реформски да ги реши. Освен тоа, има луѓе што си зеле ексклузивно право да ги „претставуваат“ интересите на „македонското новинарство“ и секогаш кога некој ќе се обиде да мисли со сопствена глава, тие рипаат како попарени и вреват – ало дечко, неповикан си влегол во нашиот двор!
И да ви кажам искрено, во право си се луѓето. Еве, го читам Александар Левески, кој како мене, со право, да ме опоменува: „Ако треба Македонија како држава, односно како систем, да се опише со еден единствен збор, тогаш тоа е дефинитивно зборот импровизација. Импровизацијата е нашиот модус вивенди, единствениот концепт за кој знаеме“. И сега, влетувам јас ко ѓуле во тој рај на некомпетенцијата и на неодговорноста и тртљам за некакви стандарди и практики, какви што се применуваат во понапредни и подемократски земји од нашата.
Кој сум јас бе да држам лекции, пичка ми материна?!
И тука, од тој момент, полемиката се насочува кон идентификување на моите лични интереси – кои се „профитерски“, нормално – и така, со аргументот на ластегарката, се прави обид за дисквалификација на полемичарот и за окончување на дебатата. И бидејќи на мои години, после толку битки, човек баш и нема доволно нерви да истрпи секаква глупост што ќе се истресе за него, умеам и јас да возвратам со иста мера. А хорот е буден и веднаш се мурти: аха, ете, тоа е полемика ад хоминем!
О боже… Туку, ај да не се мачиме веќе. Уште неколку реченици, нешто како завршен збор пред една однапред позната пресуда, па веќе никого нема да тормозам.
Значи, просто е. За тие што сакаат да разберат. Владата има обврска да создаде услови за развој на медиумската индустрија. Како и за секоја друга индустрија. Не само за јавните медиумски сервиси, туку и за комерцијалните медиуми. Но, јас ниту барам, а ниту очекувам Владата да ја исполни својата обврска. Но, барам да се сфати дека никој не е должен да издава медиуми и да работи по цена да создава загуби и да трпи лични штети.
Медиуми пропаѓале и ќе пропаѓаат. Може Македонија без медиуми. Може без весници. Што ќе ни се олку телевизии. Што ќе ни се професионални интернет-портали. Имаме Фејсбук, Твитер, Инстаграм. Имаме и понекоја пинкивизија. А врие од парапортали за фалење и за плукање. Кому му е до сериозни медиуми, ево вам децо српске и хрватске телевизије и новине. Како во времето пред да станеме независна држава. Ако воопшто станавме…
Е, на тоа дереџе сме. Цела една историја на новинарски потфати, цела една драма на плурализација на медиумскиот простор во оваа земја, е избришана и веќе заборавена, како со гумичка. Мене тоа ме боли, бидејќи тоа е и моја лична историја и драма. Ме боли, ама кој сум јас та моите чувства да се општествено релевантни? Пиши книги ако те боли, будало една!
Никој за тоа не се секира. Гледам, дури ни новинарите. Зошто? Затоа што нашиот врховен принцип – еве пак да го цитирам Левески – е „импровизација секаде и на сите нивоа“. И да, во право е тој кога вели: сѐ додека е тоа така, а нема индиции дека ќе биде поинаку, од Македонија држава нема да биде.
Ама, сега и јас да го научам нешто момчево, кое еден ден морам и лично да го запознам. Своевремено, кога на еден пријател воспалено му попував за државата и за тоа како треба да ја биде, тој ме погледна онака зачудено, дури и со нијанса на сожалување, па ме праша: „А тебе државата мајка или татко да не ти е, па толку да се секираш?!“
Во право беше. Ај чао!