По концертот што го одржал во Вараждин, Бајага рекол дека би свирел и во Карловац ако го повикаат и ако тоа не му пречи нокому, пишува српски „Курир“.
Тој нагласил дека откажувањето на концертот во Карловац поради протестите на хрватските воени ветерани, нема врска ниту со музиката ниту со него.
Тој додал дека претходно двапати свиреле таму и имале успешни концерти.
Кога го прашале што би им порачал, Бајага за „Н1“ рекол дека не го разбира нивното незадоволство, како и тоа дека тој сигурно не е виновен за тоа.
За тврдењата дека во Книн 1993 година тој пеел четнички песни, тој одговорил дека никогаш не ја пеел таа песна, не ја слушнал, а уште помалку ја напишал.
– Веројатно би се сетил, не сум дотолку сенилен. Тоа се политички односи. Не ја следам политиката ниту во Србија, а камоли во Хрватска – изјавил Бајага.