Министерството за финансии изготви или стави во примена 8 закони кои нудат директни поволности за граѓаните и фирмите.
Граѓаните повторно можат да поднесуваат барања за приватизација на државно градежно земјиште. Со истекување на рокот на 15 декември 2014, граѓаните ја немаа оваа можност. Сега тие повторно го имаат ова право и тоа во следните три години.
Во насока на исполнување на барањата на граѓаните, но и градежните компании, со измените на Законот за ДДВ, стапката на ДДВ за станови останува повластена, односно пет отсто во следните пет години.
„За да ги заштитиме граѓаните изготвивме Предлог-закон за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити. Со него се става лимит на трошоците за подигнување кредити од финансиски друштва, што ќе влијае на намалување на истите.
Изготвен е нов Закон за акцизи, кој предвидува повеќе поволности. Се предвидува и акцизата за тутунските производи и алкохолните пијалаци да се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега таа се плаќаше однапред, со подигањето на акцизните марки.
Се олабавува казнената политика во делот на царините. Со Царинскиот закон, усвоен од Собранието, ќе се врши правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Се врши и намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правни лица и од 50 евра на 15 евра за физички лица, за царинските прекршоци со мандатен платен налог“, се наведува во соопштението од Министерството.
Министерството за финансии изготви закон за гаранција, кој ќе овозможи пристап до 100 милиони евра евтини кредити на малите и средни претпријатија. Законот е усвоен од Владата и влезен во собраниска процедура. По усвојување на законот од Собранието, ќе се потпише договор со Европската инвестициска банка, по што преку Македонската банка за поддршка на развојот евтините кредити ќе им станат достапни на фирмите.
Направени се измени и во Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, со кои се утврдуваат права за надомест на штета на сопствениците на багажот и на пратките.
Со измени на Законот за супервизија на осигурување, осигурителните компании ќе бидат обврзани, во рок од 5 дена, сите измени кои ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување да ги објават на својата веб-страна. Овие измени се со цел заштита на правата на потрошувачите, како и подобра информираност и поголема транспарентност.